Мене ме интересира што се случи со
Сотир Лалевски?
Зошто Сотир го снема од нашата музичка сцена, тивко и ненадејно, без објаснување, без збогум, без трага и глас, исто како никогаш и да не постоел? Кој му кумуваше на неговото мистериозно исчезнување?
И немојте ве молам со тие површни објаснувања, демек типот сфатил дека не го бива и затоа си се тргнал, на тоа можат да паднат само некои испрани мозоци, неспособни да ја согледаат целата слика, неспособни да ја осознаат вистината скриена позади сите тие матни и нечесни игри.
Неспорно е дека дечкото поседуваше вонсериски талент, извонредни вокални способности, ангелски лик, чудесен шарм, необична харизма која ги маѓепсуваше широките народни маси.
Кому му пречеше сето тоа? Кој го прогони Сотка од нашата естрада, кој ја згасна неговата музичка ѕвезда, кој го осиромаши нашето естрадно небо, небо на кое се`уште треперат многу квази ѕвезди кои никогаш нема да блеснат како Сотир?
Низ градов едно време се вртеа муабети дека позади сето тоа стои една личност позната во музичките кругови под псевдонимот Џеј Џеј. Имено дотичниот Џеј Џеј изреволтиран од фактот што Соте не сакал да потпише договор со неговата продукција, решил да го искористи своето влијание и моќ и користејќи се со ниски удари и сопки, успеал да ја згасне Сотировата кариера уште на самиот изгрев. "Aко не можам јас да го имам Сотир во моето јато, никој нема да го има" - наводно тоа биле неговите зборови.
Јас не знам колку има вистина во ова, но затоа барам од одговорните институции да си завршат совесно работата и да го откријат виновникот.
Крајно време е вистината да исплива на површина, крајно време е да се исправи суровата неправда која му беше нанесена на Сотир!