via Vlatko Vasilj@„Според Светото Писмо и Светото Предание, главата во бракот е мажот. И повторно, по зборовите на Апостолот Павле: Мажот е глава на жената...Тој е оној кој води. Тој внатре во семејството претставува начело на авторитет. Мажот е свештеник во своето семејство, одговорен за давање на основниот тон на семејниот живот. Ова не значи дека тој е над својата жена. Во Христовите очи сите се еднакви; нема ни машки пол ни женски. Всушност, бракот е врска на еднаквите. Нека нема забуна: во Православието не постои место за никакво потценување од било каква врста. Тоа што е глава, не му дава на мажот било каква диктаторска, тиранска, самоволна или апсолутна власт над неговите жена и деца. Сепак, како и секоја друга значајна позиција, и онаа на мажот е проследена од одредени одговорности, кои се многу тешки, но исто така и многу предизвикувачки и потенцијално креативни. Светото Писмо ни вели дека мажот треба да ја сака жената како што и Христос ја засака Црквата, и се предаде Себеси за неа (Ефес. 5, 25).
Многу христијански сопрузи имаат мала претстава за тоа што значи ваквата љубов. Во светот поимот „љубов“ обично упатува на телесната љубов, или на сентименталната, романтична љубов. Ова нема ништо заедничко со христијанското поимање на љубовта. Спомнете си само на Христовите зборови упатени кон апостолите: Нема поголема љубов од онаа, да се положи својата душа за ближниот. Љубовта од христијански аспект, значи, претставува жртва, самопорекнување. Мажот, мора да покажува толку загриженост, грижа, нежност, внимание, почитување и обзирност кон својата жена, колку што и Христос за Црквата.
И повторно, св. Апостол Павле вели: Мажот е глава на жената, како што е Христос на Црквата... Ние знаеме каква глава беше Господ: Он им ги миеше нозете на Своите ученици. За нашиот Спасител, да се биде глава, да се биде прв, значи да се служи - да се има првенство во давањето љубов, разбирање, трпение, во овозможувањето заштита на своето семејство. Токму ова е пример за водач, за глава, каков што е повикан мажот да биде. Но, ти, својот животен другар, мајката на своите деца, изворот на својата радост, не би требало да ја врзуваш со страв и закани, туку со љубов и благ карактер. Зашто, какво е тоа единство, каде што жената се плаши од мажот? И какво задоволство ќе има мажот, ако со својата жена општи како со робинка, а не како со сопруга, која го сака по својата слободна волја? Дури и ако во нешто пострадаш заради неа, не ја казнувај, зашто ни Христос не направи така со Црквата“. Мажи, сопрузи, вистинската љубов за нас започнува тогаш, кога даваме од своето на другите. Ние навистина почнуваме да сакаме - во христијанска смисла - кога ние први даваме.