Припадниците на навивачката група „Комити“ преку своето здружение на граѓани за зачувување на националните вредности со соопштение се обрати до македонската јавност и најостро ја осуди бруталната интервенција на западната трибина на арената „Филип Втори“ во Скопје по завршувањето на синоќешниот реванш полуфинален натпревар од фудбалскиот Куп на Македонија помеѓу нивниот Вардар и Шкендија. Соопштението ви го пренесуваме во целост.
„Здружението на граѓани за зачувување на националните вредности Комити ВЕП, најостро ја осудува брутална интервенција на полицијата на западната трибина на стадионот во Скопје по завршувањето на вчерашниот фудбалски натпревар помеѓу Вардар и Шкендија.
Имено без повод и без никаква причина, целата македонска јавност сведочеше на чинот со кој полицијата безмислосно тренираше строгост врз немоќни малолетни деца и девојчиња припадници на навивачката група ’Комити’.
Прашуваме, зашто се прогледува низ прсти на еклатантните примери на притисоци и насилство на и околу спортските терени на клубовите кои се раководени од припадниците на привилегираното малцинство во Македонија, кога јавна тајна е дека таму нема елементарни услови за одржување на спортски натпревари, а тие сепак се одржуваат со амин на спортските федерации и МВР. Таму припадниците на МВР се речиси неприметливи гулапчиња или набљудувачи на секаков вид на насилство, без притоа да се превземат било какви мерки кон насилниците и прекршителите на законот.
Сведоци сме на континуиран пристисок (преку монтирани процеси и кривнични постапки) врз Македонците и врз навивачката група ’Комити’ како последен бастион на македонштината, а од друга страна гледаме како лица што јавно го палат македонското знаме, мафтаат со ножеви, како и терористи не се процесираат согласно на законите и ни се промовираат во високи државни чиновници.
Ја прашуваме полицијата и македонската јавност, до кога со политиката на двојни аршини, до кога во Македонија, Македонците ќе бидат под континуиран пристисок од државните структури и граѓани од втор ред, до кога македонските патриоти ќе бидат сметани за најголеми непријатели на државата?
Додека дел од полицајците што вчера безмилосно интервенираа бараа боледувања и се врзуваа за бандери, за да не заминат на првите линии на фронот во 2001 година, нашите припадници беа на првата линија на одбраната на татковината. Денеска истите тие манифестираат сила пред девојчиња и малолетници и пред се врз македонски патриоти.
Од тие причини сме цврсто решени да ја разобличиме оваа политика на двојни аршини и да поднесеме кривична пријава против наредбодавците на оваа полициска интервенција. Бараме одговорност од сите кои ги прекршиле своите овластувања. Само на овој начин ќе се спречи самоволието на поединци во полицијата и ќе се почитуваат принципите на еднаквост на сите пред законите во Македонија“, се вели во соопштението на здружението „Комити ВЕП“.