Ајде да направиме паралела, какви услови има овде за живеење и дали филмот „ у Европа немаат за леб, а тука газди се прават ви е точен“. Се разбира важи индивидуално, некој ако не го бива нема да го биде ни во МКД, ни на Марс.
Трошоци за живеење:
1. Стан наместен под кирија со 40м3 на 5 мин од работа за двајца каде идеш со кола оти бензинот ти е 1.6 е- 475 евра месечно. Тука во ценава влегуваат комуналиите (вода, парно, чистење во зграда и паркинг приватен)
2. Струја месечно 25 евра.
3. За јадење, пиење и препрдување во буквална смисла со цела колекција на алкохолни пијалоци, месо, овошје, зеленчук и домаќински препарати како тавчиња, пластични кутии, различни сервиси - месечно за двајца е 500 евра.
4. Облека со цена иста како кај нас.
5. Кафе од 2.5 евра нагоре
6. Пијачка ред бул+водка 8 евра. Пивата се далеку поефтини
7. Ручек во ресторан за двајца 60/70 евра на масата да немаш место.
8. Викенд за двајца да прошеташ, сместување од 150 евра+бензин до местото+јадење и искачање= 300 евра.
9. Интернет, телефони и стикови за по пат - 40 евра.
10.Концерт на Лана Дел Реј да речеме 260 евра карти за двајца.
Нето плата на еден вработен 2000 евра. Другиот може или да ги фрли парите или да ги остави во банка за штедење.
Квалитет на живот:
1. Патиштата се писти, во помал град од 70 000 жители улиците се со две ленти за секој правец. Сообраќајни знаци на секој чекор и обележување. Сообраќајна култура на макс ниво, да ти свири некој на семафор - нема шанси. Тој што е за право го чекаат сите кои треба на семафор да завртат на страна, се чека до последниот па тргнуваат. На автопати со три ленти, накај Берлин и со четири ленти писта.
2. Чиста животна околина - ни една хартија на земја немам видено, ниту една. Имаат како рециклажни дворови пред секоја зграда куќа, се врши селекција на отпад тоа е заградено со клуч од секој станар и ставено под конец. Бездомни кучиња и мачки - нема, значи не постојат, ниту едно. Немаат раскантани контејнери кои ужасно смрдат и летаат мачки од внатре.
3. Култура на оддржување - сите дворови искосени, средени пицикато. Фасади обновени, иста висина куќите, со летни тараси и реквизити за деца. Зградите со зеленило пред нив средени под конец.
4. Има и помали места за живеење - селца истата слика на чистота и средени улици со фасади
5. Работат од 08 до 16ч ни минута повеќе. Пола саат, некаде до 17 час со саат и половина пауза. Паузата значи пауза, светот да се сруши они во 12.30 излегуваат од канцеларија. Нема почекај фактурава не е направена те чекаат клиентите или заврши го ова па испадни. Нема такво нешто пауза си е пауза.
6. Во станбени згради има куќен ред, неможеш ти да бушиш по дома во 18 ч или да пушташ машина за перење во 12 на полноќ. Викање и дерење, музика гласна ни под разно.
7. Систем на размена дхл, се разнесуваат преку нив, плика се пуштаат во сандачиња на улица со поштенска марка. На бензиска пумпа сам си точиш гориво и влагаш да платиш. Смешно ми е да замислам кај нас кој би влегол да плати од како ќе си наточи, тоа е биде брканица . Заштитени места за некои видови на орли шумска површина во самиот град. Складови за дрва отворени без чувар и ограда. Се прашувам казните за крадење колкави се, чим не се заштитуваат луѓево.
8. Љубезност од секој и секого. Неможе некој да ти се испонаша, касиерка да ти се дере или некој да замолиш и да не ти помогне или упати на вистинско место, тоа нема шанси.
9. Работат само тоа што им е работа и ништо фазла. Работни места кои кај нас еден човек ги завршува овде секој си работи само тоа што треба. Ако правиш ф-ри правиш ф-ри, ако печатиш и разнесуваш хартија само тоа го правиш, ако имаш директна комуникација со клиенти само тоа, поделеност на работите до совршенство. Иде да мести интернет, незнаеш да му кажеш каде се главните приклучоци на зграда, си заминува исто како да завршил работа. Следен термин да дојде по мејл за две недели дотогаш треба се на тацна да му принесеш. Кај нас од Близу ако не го намести за еден ден абе со секира ќе го бркаш пред зграда има да ги најде сите приклучоци што му требаат сам и да не те праша ништо, ќе се искачи на бандера истиот ќе се симне, ќе те приклучи, кабел ќе донесе, ќе намести па потоа ќе замине. Тој од Близу се задржува по саат време на едно место, овде по 10 мин. Толку му е испланирано, ако не заврши работа ќе си закажеш друг термин и ќе чекаш како и сите.
10. Градинки, училишта, забавни паркови, центри, рехабилициони центри, нега и домашна посета имаш како на дланка. Луѓето овде на 80 години џогираат. Сите возат точак и џогираат. Затоа живеат по 100 години, тие од 90 личат како кај нас на тие од 70 години.
11. Градски транспорт и транспорт помеѓу градови, тоа не треба да споменам дека нема споредба. Возот стасува во 08ч, не во 08.15, не во 08.43 туку во 08. Обележано, издефинирано, нема шанси да се изгубиш или да погрешиш. Исто и цената нема споредба. Внатре во возот тишина. Чисто, кондуктерот љубезен.
Споредба со кај нас нема, бидејќи живеат различен живот и тоа ги исполнува. Нема во кафани на маса искачен и музика, нема секој ден на кафе, кафиќите им се полу празни, освен кога има сонце и седат на плоштад. Они одат на викенди, на шетање по други места, на крстарења, на егзотични патувања, на концерти, премиери, театри, кина. Искачаат кога им се искача, а не дека е петок или сабота. Тоа ги прави среќни, така живеат.
Негативни страни за странци како нас е што имаш проблем со прилагодување кон храната, они користат други зачини. Имаш проблем со таа мирна атмосфера, никој не ти свири на семафор, не ти се пика у лента, нема дерење по улици Ејј Перо кај си бе да му ебам мајката, сите ти пуштаат ред, ти држат врата да влезеш или излезеш ако се пред тебе не ти ја пуштаат да те залепи. Кучињата им се како деца, секаде се со нив, тоа ми е незамисливо. Недела е фамилијарен ден, не работи ништо и цели фамилии си се шетаат или идат по гости.
Сигурно некој ќе се запраша од каде толку вработеност и плати во Германија, таков систем, такви даноци од 40% од плата, социјален и здравствен систем и слично. Дефинитивно во Германија користат 95% само Германски производи. Од она што го гледам, дали е електроника, храна, облека се им е Гермнско производство. Не дека неможат да донесат Турски, Кинески и Јапански модели, едноставно си ја штитат цврсто економијата. Цените си ги држат високи, пример бараш телевизор да купиш во голем центар за електроника и немаш тв под 250 евра со мал екран. Значи немаш ти турски тв од 4000 ден. Нема бре ќе купуваш Германски телевизор кој ќе си кошта онолку колку што ти е стандардот. Секако ти од месечна плата имаш да платиш телевизор каков што сакаш. Друга работа е што многу трошат. Значи секоја сабота е преполно и они купуваат до ситници, апарат за варење јајца. Значи толку им се сведени работите на мин што несакаат да се замараат со ништо. Се си имаат, се си купуваат. Во продавница се продаваат варени јајца. Е до толку не се замараат. Храната е поделена на био и не био. Вкусот со нашиот нема споредба. Единствено вреди домат, пиперка и кромид. Зелка и марула, со краставица тоа ти е чиста бљувотина. Јагоди поголеми од една чинија, си јадат мака немаат
Се разбира се е германско и под систем израснато. Ја немаат нашата клима и вкус.
Со Германска плата можеш да бидеш човек во Германија, во Македонија крал. Под човек се подразбира да можеш апсолутно се да си овозможиш што ќе посакаш, да прошеташ, да создадеш, да зачуваш. Можам да кажам дека кај нас повеќе се работи, него тука. Ние работиме работа за 5 души за плата од 12 000 ден. Овде се е поделено. Плус доста често и по скратено време работат. Едниот работи цело, партнерот пола да има кој да биде со децата. Пари не им требаат плус, ако им требаат идат на цело работно време. За три месеци купуваат кола. Со една месечна плата купуваат работи за домаќинство. Со следните идат на одмор. А тие што ќе останат ги штедат за недвижнина. Паралела со кај нас нема. Работиш 12 месеци, кола заштедуваш со кредит на 10 години. Недвижнина купуваш еднаш во живот, ако не ти ја оставиле твоите. Одмор ако има, хранење без препрдување во фрижидер. Облека ретко, концерти и шетање уште поретко. Кај нас карта за концерт е 1000 ден. Овде карта за концерт над 100 евра.
Систем до совршенство функционален. Социјално, пензиско, здравство. Со датуми, со закажувања, без некој да ти се дере оти не го допил кафето, со точен саат и минути. Со извинување по мејл доколку се презакаже. Неверојатно. Систем кој ние може само да го сонуваме во Македонија. Брзина на завршување административни работи, кои документи ти се потребни детално, каде можеш да ги набавиш. После каде треба да идеш, кој ќе те пречека во 11 часот со име и презиме.
И кога ќе ја лупне некој овде немало живот, кај нас имало да му завртиш една шамара попреку и да го изнесеш од МКД да види како функционираат системите. Ние сакаме нашиот живот и менталитет тамошен да го има секаде. Абе несакаат луѓето да пијат по кафани и да дремат по кафиња секој ден. Не дека немаат, несакаат. Си го исполнуваат времето со аеробик, фитнес, џогинг, возење во природа, пикник, не гледаат потреба да пијат кафе. Тоа не значи дека не живеат туку не живеат како нас. Што се за нив 90 евра месечно за кафе секој ден, мачкина кашлица. Или ручек во ресторант еднаш неделно. Ние да не тепаш не идеме на концерт на филхармонија, овде до карта неможеш да се дочепиш. Карти за театар и опера, тоа е класична тепачка. Нормален живот си живеат и бегаат од големи градови. Селата им се преполни, они самите си се населуваат во мир и тишина, не дека немаат да си купат во Берлин стан. Мали градови им се до 100 000 жители и кога формираат семејство, се преселуваат и бараат работа на помирно место. Кога ќе наполнат повеќе години идат во село. И таков им е циклусот.
Е сега ги нема пријателите и мама и тато до тебе. Нема да седиш цел ден без работа, бидејќи работа има за секој над 18 год. Немаат потреба од факултети, кога со средно си работат. Кај нас од што нема работа сите завршуваат факултет. Нормално е да ти недостигаат блиските, кафаните, климата. Но далеку од тоа дека ти недостигаат оти овде е лошо. Тотален шок на системи, од лудница доаѓаш до перфекција. Или ќе ти прија или нема да ти одговара па ќе се вратиш назад. Ако неможеш да се снајдеш ќе кукаш и ќе викаш дека Македонија е одлична за живеење. Ако се снајдеш во тој систем и го прифатиш смешно ќе ти биде за споредба, а камоли да се вратиш со живеење назад. Во Македонија нема стандард за нормален живот. Ако имаш ти, тој најблискиот до тебе нема за такво живеење и ќе мораш да се прилагодиш. Овде имаат сите и си парираш со стил на живеење. Ако некој сака да иде на кафиња идеш со такви луѓе. Ако некој иде по театри идеш со такви. Значи си наоѓаш со слични интереси, бидејќи финансиската страна ја нема како пречка. Ги имаш сите профили за дружба.
И во Македонија ако работиш имаш работа-дома систем. Е сега што има луѓе со многу слободно време и можеш да им се придружиш каде безделничат после работа ако ти е кеиф. Е овде бездалничари нема, а се знае дека после работа ти се одмара. Вечерта да излезеш да прошеташ и во кревет. Од муабетиве излегува дека во МКД сите од работа после дома не се прибираат седат до 2 ноќта акаат. Ма немој, еднаш ќе се погоди така, следниот ден на работа ќе цркнеш на маса и нема да ти текне во следните 5 месеци да го повториш тоа.
Она што е голема пречка за странци е што не го познаваат Англискиот јазик. Многу ретко да начекаш некој да го зборува. Си зборат Германски и има да научиш Германски или ќе бидеш како теле во шарена врата. Се е на Германски напишано, сите производи се на Германски, преводи и слично. Значи без знаење на Германски јазик тешко комуникација, можеш да ги пцуеш до сабајле.
И за крај верувам дека сите се каат што излегле од Македонија, навечер не спијат од каење. Филм на еден просечен Македонец, ајде бе бегај таму нема живот, живеат како кучиња во гарсоњера, работат по цел ден и ноќ, не излегуваат, не се дружат, не одат на кафе.. И така Македонија изгледа веднаш посовршено место за живеење, нешто као приспивна приказна пред спиење. Мечето Ушко.