Секако дека Македонија и Македонците се во депресија, тоа е нешто сосема нормално кога се случува економска и социјална стагнација и се нема визија за идниот развој на државата и на нацијата.
Како да се справиме со депресијата ?
Па има повеќе различни видови на решенија.
По распаѓањето на Римската Империја во 5-от век, Европа западнала во таканареченото Темно доба или Средниот век, временски период кој траел цели 1000 години, а завршил во 15-от век со падот на Константинопол во рацете на турците османлии, со хуманизмот и ренесансата предводени од страна на видни личности како Леонардо да Винчи, како и со откривањето на Новиот Свет, односно Америка.
Во помодерната историја, со почетокот на Светската економска криза во 1929 година, на американците им се случила Големата Депресија на почетокот на 1930-те години, која завршила со почетокот на Втората Светска Војна, кога САД станале главен извозник на оружје и муниција, а по јапонскиот напад врз американската поморска воена база Перл Харбор на Хаваите на 7 декември 1941 и влегувањето на САД во Втората Светска Војна, САД станале извозник и на војници и на воени победи во Тихиот Океан, а по инвазијата на Нормандија, позната како Операција Оверлорд, која започнала на 6 јуни 1944, уште попознат како Денот Д, САД станале извозник и на војници и на воени победи и во западна Европа.
Македонската депресија своите корени ги има во индустрискиот и економскиот колапс во 1990-те години, наглиот раст на невработеноста и сиромаштијата и стравот од утрешниот ден и од утрешните предизвици, поради што стотици илјадници Македонци не се осмелуваат да изнајдат идеи за подобра иднина, туку живеат од денес за утре.
Е сега, на Македонија не и се има случено распаѓањето на Римската Империја, но и се случи распаѓањето на Југославија. На Македонија не и се случи падот на Константинопол, но и се случи војна во 2001 година и се случи таканаречениот Охридски Рамковен Договор. А кога сме кај Голема Депресија во Македонија, истата веќе постои и како што веќе спомнав, своите корени ги има во индустрискиот и економскиот колапс во 1990-те години.
Решение ???
Па малку тешко е да се чекаат 1000 години за да се појави некој македонски преродбеник од типот на Леонардо да Винчи, уште потешко е да чекаме некој да открие некој Нов Свет, односно некоја нова Америка, а дефинитивно најтешко би било да водиме војна, која ќе набилда долгови, материјална штета и најмногу од се, колатерална штета, односно човечки жртви.
Единствено можно решение во овие околности, е да се излезе со нова визија за идниот развој на македонската држава и на македонската нација, но визионерите или ги нема, или си ги гризат јазиците исплашени за да ги изнесат јавно своите визии за идниот развој на македонската држава и на македонската нација.