Операцијата успешна , пациентот мртов
7 март 2013
ПРВПАТ
Македонскиот извоз расте побрзо од увозот!
Официјалната статистика покажува дека извозот во јануари годинава е поголем за 32,5 милиони долари од извозот во јануари лани. Во истиот период увозот пораснал за 21,5 милиони долари.
Македонскиот извоз во јануари годинава доживеал ренесанса во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Вкупниот извоз во јануари изнесува 305,64 милиони долари и е за 12 отсто поголем односно за 32,5 милиони долари поголем од извозот во јануари лани.
Исклучително важно е тоа што за прв пат по подолг период македонскиот извоз бележи поголем раст од вредноста на увозот. Во јануари увозот на стоки и услуги пораснал за 21,5 милиони долари односно за 4 отсто, а македонскиот извоз пораснал за 32,5 милиони долари односно за 12 отсто.
Расте извозот во сите македонски извозни категории!
Извозот на храна и живи животни во јануари изнесува 17,9 милиони долари и бележи раст од 21 отсто во споредба со јануари лани. Извозот на пијалаци и тутун вредел 27,3 милиони долари и е поголем за фантастични 42,7 отсто повеќе од лани. Извозот на суровини (од кои е исклучена храната) бил поголем за 33,7 отсто и изнесувал 24,2 милиони долари. Извозот на македонски хемиски производи бележи раст од 25 отсто и изнесува 56,2 милиони долари. А извозот на машини и транспортни уреди бележи раст од 22,3 отсто и изнесува 30,9 милиони долари. Традиционално најголема извозна ставка е таа на производи класирани според материјалот која изнесува 70,5 милиони долари и бележи раст од 3 отсто во споредба со јануари 2012 година. Раст од 10 отсто има и кај категоријата разни готови производи. Таму извозот изнесува 62,96 милиони долари. Во категоријата на минерални горива која директно зависи од ОКТА извозот во споредба со лани бележи пад од 41,6 отсто.
Расте увозот на храна,хемиски продукти и производи класирани според материјал
Македонија има суфицит (позитивна разлика резултат на поголем извоз од увоз) од извоз на тутун и пијалаци, суровини (со исклучок на храната) и во извозот на различни готови производи (голем дел е текстилни продукти и конфекција). Одлична е покриеноста на увозот со извоз кај хемиските и сродни продукти. Големи се дефицитите (негативна разлика помеѓу поголем увоз и помал извоз) кај нафтени деривати и сурова нафта што е очекувано, но и кај увозот на производи класирани според материјалот (минусот е над 84 милиони долари), а поголем од двојно е и увозот на машини и транспортни уреди од извозот во истата категорија.
Германија не крепи!
Дури 110,4 милиони долари е македонскиот извоз во Германија. Тоа претставува една петтина (околу 20 отсто) од целиот македонски извоз на стоки и услуги што во јануари изнесувал 305,6 милиони долари. Македонија има суфицит од размената со Германија кои изнесува над 70 милиони долари. Годинава изненадување е суфицитот во размената со Бугарија, макар и за првиот месец од годината. Статистиката покажува дека нашиот извоз таму изнесувал 28 милиони долари и е поголем за речиси 5 милиони долари од увозот од Бугарија. Тоа го прави источниот сосед втор трговски партнер од аспект на извозот во јануари. Очекувано на трето место е Косово каде сме извезле стоки вредни 22,7 милиони долари, а четврта е Италија со извоз од 20,5 милиони долари. Во првата петорка е уште Србија каде нашиот извоз изнесува 17,7 милиони долари. Очекувано најголем увоз имаме од Велика Британија за потребите на „Џонсон Мети“. Тој изнесува над 71 милиони долари за еден месец. Втор увозник е Русија (енергенси) со вредност од 59 милиони долари и трет увозник е Германија со 41,8 милиони долари.
http://www.mkd.mk/makedonija/ekonomija/makedonskiot-izvoz-raste-pobrzo-od-uvozot