Мојсовски: Силкеборг ќе падне, нема да ја пропуштиме шансата што ни се укажа
Во таборот на Металург владее задоволство откако тимот на Силкеборг славеше над Горење Велење, овозможувајќи му на нашиот првак да биде господар на сопствената судбина во трката за второто место во групата. Така, „металурзите“ сега ќе треба само да слават на домашен терен над Силкеборг за да ја осигураат втората позиција, а со тоа и нешто полесен противник (една од третопласираните екипи од останатите групи) во Топ 16 фазата од елитното европско натпреварување. Избраниците на Лино Червар се свесни дека нема да имаат нималку лесна задача и дека улогата на фаворит мора да биде оправдана на теренот во СЦ „Борис Трајковски“.
„Ова е шанса што не смее да се пропушти, за нас победа над Силкеборг е еднаква на триумф во финалето од ЛШ. Работите ни се поклопија за самите да можеме да се бориме за второто место и сега ни е јасно што треба да се стори за да се дојде до посакуваниот пласман. Не велиме дека ќе биде лесно, бидејќи Силкеборг токму против Горење покажа дека игра растоварено и може да се носи со секој противник. Иако веќе го совладавме овој ривал во Данска, ќе мораме да бидеме многу внимателни, да го наметнеме сопствениот стил на игра и да не дозволиме тие да диктираат брз ракомет на каков што се навикнати. Радува одличното функционирање на нашата одбрана на последниот меч во Русија, очекувам да продолжиме во ист стил и во следниот период“ - изјавува Наумче Мојсовски.
Убедливиот триумф во Санкт Петербург беше идеален начин да се отстранат проблемите што се јавија на првите натпревари во 2013 година, но и да се врати победничкиот дух во тимот.
„Точно е дека се соочивме со притисок, дека атмосферата падна во изминатиот период во однос на крајот на минатата година. Најпрвин тука беа репрезентативните настапи, потоа и поразите во Белорусија во СЕХА и во Словенија во Лигата на шампионите, но радува што покажавме фантастичен карактер и се вративме кога беше најпотребно. Сега победничкиот дух повторно е присутен кај сите ракометари и очекувам да го потврдиме тоа и на следниот меч во Скопје, уште еднаш бодрени од преполната арена“ - оптимист е Мојсовски.