Кога и каде за првпат се појавил бурекот?
Еве еден интересен текст од Вест на оваа тема. Секако, овде може да споделувате информации и за најдобриот бурек/бурекџилница во вашиот град, како и рецепти за разни видови бурек
Пишува Данило Коцевски - Бурекот е султанско јадење. Според историските податоци,
најпрвин султанот се гоштавал со овој специјалитет на неговата трпеза. Така како што му доликува на еден султан. Тоа се случило во 15 век, а оттогаш наваму бурекот доживеал најразлични модификации, за да се појави во формата каква што ја познаваме денес. Истражувачите на оваа проблематика велат дека на почетокот од 16 век, во 1502 год. постоел и законски пропис за тоа како да се подготвува, според кој рецепт. Во тој период, за подготвување на бурекот не смеело да се користи друго месо освен овчо. Подоцна прописите омекнале, и бурекот можел да се подготвува и со пилешко или со други додатоци. Потоа бурекот започнал да се продава и низ бурекчилниците во Истанбул. Но она што е битно за овој ран период од историјата на бурекот, е податокот дека под тоа име Турците подразбирале различни нешта, сметајќи го тука и
бурекот со сладок вкус, потоа оној со спанаќ, со сирење, со тиквички. Буреците имале форма на квадрат, и не биле тркалезни како денес.
Податоците велат дека во 18 век, за трпезата на османлиските великодостојници бурекот се правел во огромни тепсии, со тенки кори и печен на посебен оган. Велат дека таа традиција е задржана до денес. Тие огромни тепсии ги потврдувале моќта и изобилството на богатите, велат истражувачите. Тие го наведуваат мислењето на еден историчар од крајот на 18 век, кој вели: "Бурекот, јадењето со тесто е она што овој народ најмногу го сака. Го има со зеленчук, со месо, со овошје или со мармалад. Ова јадење, по својот исклучителен вкус и убавина, може да се спореди со лиснатото тесто во Европа. Повеќето арапски готвачи се мајстори за ова јадење". Постепено, бурекот ги менувал обликот и состојките, за да се приближи на денешните современи изглед и вкус. Тој се спомнува во речиси сите балкански земји уште од 15 век, под исто или слично име, но во различни форми и со различни содржини. И Евреите, кога по 1492 год. се населиле на Балканот, го консумирале ова јадење како бурекас или буреки ди карни. Ниту еден од истражувачите не може со сигурност да посочи што, всушност, значи името бурек. Сите претпоставуваат дека тој може да има турски или персиски корен, но кое е неговото значење?
Истражувајќи ја историјата на Скопје во османлискиот период, сосема случајно наидов на еден текст кој директно посочува на значењето на името бурек. Иако таму овој поим се поврзува со една сосема друга, а не гастрономска област. Сепак, не е исклучено бурекот како специјалитет да потекнува токму од тоа значење.
Имено, во тој текст се наведува дека бурек значи чалма. Како што чалмата е составена од повеќе свиткани пластови платно така и бурекот е составен од повеќе пластови кори. Асоцијативно, возможно е името на специјалитетот да потекнува оттаму. Посебно што зборот бур значи свиткува, превиткува, што асоцира и на виткањето кори.
Во Скопје, правењето бурек има голема традиција. Иако треба да се има предвид дека изгледот и состојките на бурекот, онака како што денес го знаеме, се од релативно понов период. Најпрвин, фурнаџиите и симитчиите го продавале бурекот, за да се отворат потоа посебни бурекчилници. Бурекот сега е со тенки кори, полнети со месо, спанаќ, со сирење, пица-бурек, подготвени во помали тепсии. Отсекогаш постоело мислењето дека бурекот е јадење за богатите и оти специјалитетот не може да си го дозволи секој. Некогаш тепсија бурек значеше вистинско богатство, а посебно доживување, во предземјотресното Скопје беа трошките од бурек, завиткани во фишек. Каква гозба, какво насладување! Чаршијата е татковина на бурекот, но го имаше и во маалата. Денес на посебен глас се бурекчилниците и квалитетниот бурек во Чаир, кај Чешма во Кисела Вода, потоа околу пазариштата, но и во центарот на градот. Главна шема на младите скопјани некогаш беше во утринските часови да се оди на бурек.
Многу млади луѓе денес својата шанса за заработка и за вработување ја гледаат во подготовката и продажбата на бурекот. Многумина од нив се вистински мајстори во нивната струка, наследувајќи ја старата традиција. Еден од карактеристичните скопски примери се братот и сестрата бурекчии Игор Маневски - Мане и Наде Маневска. Бизнисот добро им оди, а Игор има и своја филозофија за бурекот. "Бурекот стана универзално јадење, без оглед на тоа од каде потекнува. Исто како и мусаката, сите на Балканот ја подготвуваат", вели тој. "А ако сакате вистински да уживате, бурекот е најдобро да се јаде десет минути откако ќе биде изваден од печката".
И еден куриозитет за крај.
Во некои земји, бурекот научно се истражува на факултетите. Така, можете да се здобиете и со научна, докторска титула. Затоа, кога следниот пат ноншалантно ќе порачате четврт, со јогурт, имајте го и ова предвид.