The Casual Vacancy (внимателно, спојлери!)

Body Electric

Del Rey
Член од
15 јуни 2011
Мислења
222
Поени од реакции
334
Возраст
33
Видов дека некои членови веќе постираа за книгата во темата за „Хари Потер“, меѓутоа синоќа завршив со читањето на книгата и мислам дека заслужува посебна тема, затоа што нема врска со „Хари Потер“...
Сите ја знаеме Џ. К. Роулинг како мајка на Хари Потер и најпозната писателка во денешно време. Со своите седум книги за младиот волшебник, таа се стекна со светска слава, но и неизмерно богатство. Сега, пет години по објавувањето на последниот (седми) дел од серијалот за Хари Потер, Роулинг се враќа на литературната сцена, но во сосема поинакво светло. Во нејзината прва книга за возрасни, насловена како The Casual Vacancy (според мене, најдобар превод на македонски би бил „Празно место на советот“). Приказната е за едно мало, навидум идилично градче насловено како Пагфорд, кое после смртта на еден општински советник со име Бари Фербродер, е растгнато од локалните избори што следат за да се пополни празното место на советот.
Книгата уште од самиот почеток, е растргната меѓу критичарите, од кои многумина велат дека Роулинг треба да се држи до пишување книги за деца. Јас лично, воопшто не се согласувам со тоа. Како долгогодишен фан на Хари Потер книгите (веќе цели 12 години), јас пораснав со романите за тинејџерот волшебник, очекувајќи ја секоја нова книга со големо нетрпение, читајќи ги и препрочитувајќи ги авантурите на Хари, Рон и Хермиона. Беше многу подразбирливо, дека јас ќе ја купам и ќе ја прочитам оваа книга, но посебно ми беше мило што книгата излезе само неколку дена откако јас наполнив 21 година (полнолетство во цел свет), а книгата, како што споменав порано, е наменета за возрасни (а јас веќе и официјално се сметав за „возрасен“). Бев изненаден од фактот, што оваа книга ми се допадна исто толку, а можеби и повеќе, од книгите за Хари Потер, со кои имам долга историја и засекогаш ќе ме потсетуваат на моето детство и тинејџерски години.
Меѓутоа, да објаснам малку повеќе зошто сметам дека оваа книга е неверојатно добра (извинете за спојлерите, од овој дел, па надолу ќе ги има во гооолем број).
Ако очекувате волшебници, магии, замоци, еднорози и други волшебни суштества во новата книга на Роулинг, подгответе се за гаден шок. Самоповредување, малолетнички секс, силување, употреба на дрога, неверство и педофилија се само дел од работите кои ќе ги најдете во The Casual Vacancy. И пцуење. Многу пцуење.
Пагфорд е мало идилично градче во кое живеат навидум совршени семејства. Недалеку од Пагфорд, се наоѓа малку поголем град, Јарвил, кој е главен обезбедувач на работа и забава за луѓето од малиот Пагфорд. Главен проблем на Пагфорд му е местото кое е општопознато како Полињата, во кое живеат во главно сиромашни и пропаднати семејства. Двајца членови од општинскиот совет на Пагфорд, Бари Фербродер и Хауард Молисон имаат спротиставени мислења за тоа дали Полињата треба да останат дел од Пагфорд, или да бидат отсечени од истиот и да бидат ставени под грижа на Јарвил. Бари, кој е роден и живеел во Полињата, мисли дека секој во животот може да стане нешто, доколку му се пружи шанса и дека тоа каде си роден и каде си пораснал нема врска со тоа што и кој можеш да станеш. Хауард, кој е Пагфордиец во срцето, роден и пораснат во симпатичното мало градче, смета дека Полињата само му прават проблеми на совршенството во кое тој живее. Се почнува ноќта кога Бари Фербродер, откако ќе заврши една статија за локалниот весник, решава да ја изнесе својата сопруга Мери на вечера во ресторан. На пат кон ресторанот, Бари чувствува страшна мигрена, за кога ќе излезе од автомобилот да се струполи на тротоарот и да умре додека стигне брзата помош. Сведоци на настанот се Мајлс и Саманта Молисон, син и снаа на соперникот на Бари, Хауард Молисон.
Има неколку главни ликови во The Casual Vacancy...
Кристал „Крис“ Видон - ќерка на наркоманка и промискуитетна жена, живее во Полињата. Девојка која Бари ја има избрано за да и го промени животот и да им покаже на сите дека Полињата се и треба да останат дел од Пагфорд.
Тери Видон - мајка на Кристал, зависник од хероин. Не знае да каже „не“, поради што дилерот Обо постојано ја искористува и нејзиниот дом во Полињата го користи како склад за својата илегална роба.
Роби Видон - малото, тригодишно братче на Кристал. Има постојан страв од туѓинците кои постојано доаѓаат во куќата на мајка му, посебно од мажите.
Ендру „Енди“ „Арф“ Пирс - син на вулгарен и доминантен татко, кој живее под сенката на истиот. Има исклучително иритирано лице, потиснат бес, најдобар другар на Стјуарт Вол, тајно вљубен во Гаја Боден.
Симон Пирс - татко на Ендру, сопруг на Рут. Никаквец кој стигнал до некоја позиција во животот и мисли дека го освоил светот. Насилник и ситен криминалец.
Рут Пирс - мајка на Ендру и медицинска сестра во болницата во Јарвил. Меѓу првите дознава за смртта на Бари Фербродер. Знае дека маж и се однесува неправилно кон неа, но не прави ништо во врска со тоа.
Суквиндер „Сук“ Џаванда - ќерка на општ лекар и хирург. Исклучително грдо девојче, изложена на потсмевање секој ден во училиштето и склона кон самоповредување и сечење. Има исклучително ниско мислење за себе, а во тоа не и помагаат ни анонимните напади со кои е соочена секој ден на својот Фејсбук профил.
Парминдер „Минда“ Џаванда - мајка на Суквиндер, општ лекар во Пагфорд и сопруга на Викрам. Се срами од својата ќерка, понижена затоа што од нејзиното тело излегло толку „глупаво и неталентирано девојче“.
Стјуарт „Сту“ „Фатс“ Вол - посвоен син на Теса и Колин Вол. Откако дознава дека е посвоен, се обидува да направи разлика меѓу тоа што тој е и тоа што Теса и Колин го направиле да бидат. Главен шегаџија во училиштето, не се грижи многу за никој друг освен за себе.
Теса Вол - мајка на Сту, жена на Колин и педагог во локалното средно училиште. Таа е редовен советувач на Кристал. Обична и невпечатлива жена, растргната помеѓу ривалството што владее меѓу син и маж и.
Колин „Преграда“ Вол - татко на Сту, маж на Теса и заменик директор во локалното средно училиште. Страда од опсесивно-компулзивно пореметување (ОКП). Никогаш не е сигурен во себе и има стравови дека може да злоставува деца во училиштето.
Гаја Боден - ќерка на Кеј, најновата девојка во Пагфорд, која се доселува таму од Лондон, против своја волја. Таа набргу станува пријателка на Суквиндер, а мрази се во врска со малото градче и причината поради која таа е таму - нејзината мајка.
Кеј Боден - мајка на Гаја и социјален работник. Таа своевремено ќе биде социјалниот работник задолжен за семејството Видон, заменувајќи ја својата колешка Мети. Девојка е на Гавин и нема пријатели во новото градче.
Гавин Хјус - адвокат и партнер на Мајлс. Тој е во несакана врска со Кеј, која се преселила во Пагфорд поради него. Човек кој не сака обврски, не му е гајле за ништо и не знае што сака во животот.
Хауард Молисон - многу дебел човек и сопственик на продавница за деликатеси. Тој е цврсто решен да ги отсече Полињата од територијата на неговиот сакан Пагфорд и самиот се смета за градоначалник на малото градче.
Ширли Молисон - сопруга на Хауард и главен одржувач на веб-страницата на општина Пагфорд. Го обожава својот син Мајлс, но не и снаата Саманта. Не е во добар однос со ќерка и Патриција, која живее во Лондон со својата девојка.
Мајлс Молисон - син на Хауард и Ширли, сопруг на Саманта и адвокат кој ќе се обиде да го пополни местото на Бари Фербродер на советот. Човек кој постојано се обидува да ги импресионира своите родители (чиј галеник е), за сметка на тоа запоставувајќи ја својата сопруга.
Саманта Молисон - жена на Мајлс и сопственик на продавница за градници во Јарвил. Не го сака многу својот свекор, а свекрвата ја мрази. Се чувствува запоставено од сопругот, па почнува да копнее по помлади момчиња.
Приказната се врти околу локалните избори, проблемите на ликовите кои ги имаат со самите себе, со своето семејство, со лажните пријатели. Сите ликови се себични и имаат свои добри и лоши страни. Никој не се труди да ги разбере оние што имаат потреба да бидат разберени. Повеќе се грижат што ќе кажат луѓето за нив, отколку да го решат тоа што ним им лежи на срцето, што ним и ја претиска душата. Премногу зафатени со самите себе, крајот на книгата резултира со губење на два млади животи кои ќе им згаснат на очите; млади животи кои мораат да бидат изгубени за некои од нив (не сите) да се свестат што прават и каде се наоѓаат, а другите да продолжат да ги живеат своите мизерни животи, задоволни што барем никој не зборува за нив.
Чувствата кои ги почувствував додека ја читав книгата не можат да бидат опишани дури и ако пишувам до утре, едноставно треба да се доживеат. Меѓутоа, никогаш досега во мојот живот книга ме нема оставено без зборови по нејзиното прочитување. Тој шок, тој бран на помешани чувства на восхит, тага, гадење и желба да променам нешто беа толку силни што ме оставија буден цела ноќ, со солзи кои бесно ми капеа од очите, неспособен да направам било што друго, освен да лежам во мојата темна соба и да размислувам за тоа што го прочитав. Знам дека на многумина ќе им изгледа претерано, меѓутоа тоа е така како што е и така јас го доживеав тоа.
Книгата ја препорачувам на сите што имаат малку свест за другите околу нив, што сакаат да направат некоја промена во општеството во кое живеат и, на крај, за сите што сакаат добро структурирана книга, со добар заплет и непредвидлив крај.

 
Ја прочитав пред некој ден, и сварно се изненадив колку пцовки има, нели, не сме навикнати на тој стајл на пишување книги да читаме...ама во главно добра приказна, иако и јас сметам дека треба повеќе да се посвети на книги за деца! :coffee:
 
Ја прочитав. И ја доживеав далеку поинаку од Body Electric, ниедна солза бесно не течеше низ моето лице.

Конечниот впечаток - има едно 2че од мене. Лош почеток, добра средина и лош крај.

Има премногу ликови. И сега да ме прашате нема да знам Стјуарт е заљубен во Гаја, а Ендру во Кристал или обратно.

Сметам дека едноставно е штета личност на која толку и оди пишувањето за Хари Потер да експериментира вака. Кога веќе и се пишува, барем нека не не лишува од детето волшебник.
 
Ја прочитав. И ја доживеав далеку поинаку од Body Electric, ниедна солза бесно не течеше низ моето лице.

Конечниот впечаток - има едно 2че од мене. Лош почеток, добра средина и лош крај.

Има премногу ликови. И сега да ме прашате нема да знам Стјуарт е заљубен во Гаја, а Ендру во Кристал или обратно.

Сметам дека едноставно е штета личност на која толку и оди пишувањето за Хари Потер да експериментира вака. Кога веќе и се пишува, барем нека не не лишува од детето волшебник.
Стјуарт е вљубен во Гаја - само треба да ти текне дека Стјуарт го мрази Пагфорд и сака се што е необично, а Гаја е од Лондон и плус има необично име. Ендру се д*пи со Кристал, ама не е јасно дали ја сака. Неговата поента е да биде бесчувствителен гад, затоа што им е попизден на родителите што го посвоиле и мисли дека да го одгледале неговите вистински родители ќе бил нешто подруго, па се обидува да направи разграничување меѓу неговите вродени предиспозиции и она што му го наметнало општеството (во случајов родителите).
Јас мислам дека беше доволно со Хари Потер книгите. Момчето волшебник беше, е и ќе биде многу голем дел од мојот живот. На книгите секогаш ќе се навраќам со огромна љубов и почит, а приказната секогаш ќе живее како дел од мене. Ама сметам дека Роулинг знае што прави и дека беше доволно со светот на Хогвортс.
Ликовите во The Casual Vacancy се толку живи и толку многу можеш да се поврзаш со нив - стварно не знам зошто не би му се допаднала книгата на некого. Се разбира, станува збор за стил и ред други работи, ама мене толку голем впечаток ми остави таа книга што дури и покрај тоа што само еднаш ја имам прочитано, се сеќавам на секој лик како да го имам запознаено, а секоја ситуација и слика што ја прочитав ми е врежана во главата како мене да ми се случила. Можеби не си ја прочитала книгата во вистинското време :) За секоја книга има време кога се чита, а ти овој момент баш и не си го погодила.
 
Јас мислам дека беше доволно со Хари Потер книгите. Момчето волшебник беше, е и ќе биде многу голем дел од мојот живот. На книгите секогаш ќе се навраќам со огромна љубов и почит, а приказната секогаш ќе живее како дел од мене. Ама сметам дека Роулинг знае што прави и дека беше доволно со светот на Хогвортс.
Ликовите во The Casual Vacancy се толку живи и толку многу можеш да се поврзаш со нив - стварно не знам зошто не би му се допаднала книгата на некого. Се разбира, станува збор за стил и ред други работи, ама мене толку голем впечаток ми остави таа книга што дури и покрај тоа што само еднаш ја имам прочитано, се сеќавам на секој лик како да го имам запознаено, а секоја ситуација и слика што ја прочитав ми е врежана во главата како мене да ми се случила. Можеби не си ја прочитала книгата во вистинското време :) За секоја книга има време кога се чита, а ти овој момент баш и не си го погодила.

Епа ете, имаме различни мислења. А како што ги гледам критикиве, сите се или 1 или 5.

Добро, еве нека не пишува за Хари Потер, ама нека измисли некој нов волшебник.
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom