Интервју со Каролина Гочева
На само два дена пред спектакуларниот концерт на нашата пејачка Каролина Гочева во Универзална сала, екипата на БезПардон ѕирна во пробите за акустичниот концерт кои се одржуваат во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Од менаџерскиот тим на Каролина ни открија дека не секој ја има таа можност да присуствува на пробите, но секогаш има исклучоци. Еве што видовме таму и како течеше разговорот со Каролина.
Во моментов се наоѓаме на пробата за концертот во Универзална сала, прв од ваков тип за тебе, акустичен. Зошто баш акустичен?
Каролина: Затоа што уште тоа не сум го направила како концертна форма. Досега на сите концерти ги изведував моите хитови. Мислевме дека е време за еден ваков концерт. Што се однесува на репертоарот не ги мешаме програмите на песните, односно оние традиционалните со моите поп песни. Тука ќе се пеат само оние од поп албумите, односно повеќе од компилацијата „Најубави песни“. Некои се потполно променети аранжмански, додека кај рок песните нема големи промени. Мислам дека пријатно ќе се изненади публиката.
Ќе има ли некое изненадување, некој гостин можеби?
Каролина: Размислувавме, но кога ја направивме листата од 26 песни, сфативме дека би било премногу ако вклопиме гости, затоа оставивме вака да биде. На последниот концерт во „Борис Трајковски“ имав дури четири гости.
Слушајќи го новиот албум „Најубави песни“, првото нешто кое секому ќе му падне на ум е дека тоа навистина се најубавите песни и името совршено одговара. Како си задоволна од прифатеноста на новиот албум „Најубави песни“?
Каролина: Задоволна сум, првата идеја беше best off компилација или greatest hits, па после дојдовме до идеја да се направи нешто што не е толку очекувано, песни кои се добри, но не добиле толкаво внимание како што заслужуваат. Идејата за името на албумот беше на менџерот Бобан.
Ти имаш доста голем стаж на естрадата, тоа не значи дека си стара, но доволно компетентна да направиш компарација на естрадата пред 10 години и сега.
Каролина: Компарацијата не би била многу среќна, бидејќи пред 10 години мислам дека македонската естрада ги доживуваше најѕвездените моменти, се појавија имиња кои навистина оставија печат. Во последните години се појавуваат некои имиња со краток рок на траење. Не ме загрижува тоа бидејќи квалитетот и напорната работа се исплати и публиката знае тоа да го цени.
Се ближи Евровизија, ти беше два пати досега. Има ли шанси повторно да те видиме на овој избор и дали сметаш дека можеби Македонија треба да се повлече од овој избор?
Каролина: Не мислам дека треба да се откаже, туку нацијата да се убеди дека не треба да се оперетува со Евровизија. Сметам дека треба да се вложува во претставникот, кога веќе се оди. До сега, повеќе или помалку сме имале добри претставници, но секој бил оставен сам на себе. Јас не би одела повторно, две искуства се сосема доволно.
Што сака Каролина да прави кога не е во јавноста?
Каролина: Имам најнормален живот, сакам да се дружам со пријателите, со луѓето кои ги сакам, да се собираме по дома со другарките, нормален живот кој некому можеби би му изгледал и по малку здодевен.
Ти си дипломиран професор по англиски. Дали си размислувала некогаш да го работиш тоа?
Каролина: Не сум размислувала, музиката покрај тоа што е мојата најголема љубов, ми одзема многу време. Целиот живот сум максимално сум посветена на неа така што немам време за друго. На тоа се одлучив кога бев во средно училиште и не знаев како ќе се одвива мојата кариера.
Твои долгодишни стилисти се Цаци Паковска и Дадар. Имаше период на благи трансформации, ја смени бојата на косата, едно време носеше шишки, но сето тоа беше умерено. Дали си размислувала да направиш некоја драстична промена во изгледот?
Каролина: Не, промените треба да кореспондираат со личноста. Зависи што носиме во себе, можеби тоа е биковското во мене што не сакам нагли промени. Сите промени сум ги правела умерено и тие шишки кои сум ги направила, сто пати сум размислувала дали ќе ми стојат, како ќе ми стојат, не сум тип кој генерално сака промени во животот. Косата е една од тие работи. Како на секоја жена која и е важно како изгледа, кога косата ми е средена се чувствувам поубаво.
Имаше за тебе секакви трачеви, од тоа дека си бремена, па афери, меѓу кои и една дека ќе се мажиш… Последната која јас ја слушнав низ чаршијата е дека тајно си се омажила, но тоа се крие од јавноста за да не и наштети на кариерата.
Каролина: Зошто би ми сметало во кариерата? (се смее)… Тие трачеви не влијаат врз мене, можеби порано пред 10 години, но никогаш не се случило некој трач да влијае врз некоја одлука во мојот живот или на моите блиски. Никој не обрнува внимание, тоа сум го сфатила како составен дел од мојата работа. Живееме во подрачје полно со предрасуди, не знам зошто луѓето се гладни за трачеви, измислуваат работи.
Епа да ги разрешиме дилемите, кога планираш да се мажиш?
Каролина: (се смее) Изрично забранив тоа прашање да ми се поставува. Се шегувам, нормално секој сака да се мажи, но тоа не може да се планира, тоа се случува кога некој од горе одредил. Не сум сокрила ништо во животот, па ни тоа.
Доаѓа Нова година. Каде ќе ја дочекаш? Работно или можеби приватно?
Каролина: Па најверојатно работно, уште не знам каде, толку сум зафатена со концертот, но мислам дека работно.
Знаеме колку е тешко во денешно време да се живее од музиката. Многу голем дел од колегите пеат по дискотеки само за да можат да опстојат. Ти такви викендашки тезги не правиш. Значи ли тоа дека Каролина доволно добро заработува за живот?
Каролина: Доколку после толку години работа не можам да живеам како што сакам, тогаш би требало да престанам да работам. Ако мојата егзитенција зависи од некоја тезга тогаш ќе престанам да работам. Позади мојата работа стојат сериозни фирми и компании, а сето тоа е резултат на долгогодишна и напорна работа.
Да беше Тоше жив што мислиш до каде ќе беше неговата кариера до сега?
Каролина: Сигурно ќе беше на врвот бидејќи овие простори не паметат таков талент и тоа е нешто кое сите го признаваат, дури и најголемите ѕвезди на овие простори. Кога ќе запееше тој, замолчуваа сите. Сигурно ќе беше на врвот, а и сеуште е, и покрај тоа што го нема толку време.
Живееме во ера на социјалните мрежи. Дали си можеби и ти зависник од нив?
Каролина: Не сум, бев на ивица да станам, но ги исклучив профилите на Фејсбук. Проверувам нешто кога ми треба од кај другарките, а можеби повторно ќе ги акртивирам. Некои 6 7 месеци немам Фејсбук и убаво ми е.
И за крај, дали читаш БезПардон?
Каролина: Ги читам порталите редовно, а секако дека тука спаѓа и БезПардон.