400-500 е смешно да се тврди за жртви на Голи Оток! Толку или повеќе имало само на нашето Кале со познатите настани (инаку затвор било во еден период) и во Идризово. Еве за жртвите на тоталитарниот режим во Македонија...
Се поставува прашање за одведените 820 лица на Голи Оток , каде што „живите им завидуваа на мртвите”, за мистериозните убиства на скопското Кале (1945), за масовните убиства во Куманово (1945 - при што недотепаните живи закопани ги молеле своите џелати да ги дотепаат) и во Ресен (1945), за 53 стрелани без судење во Велес (1945), за бројните поединечни убиства, стрелања без судење, затворања, интернирања (Илија Чулев, Брашнаров, Шатев, Ченто, Пирузе, Фотев, Мире Анастасов, В. Марковски). Порачаните убиства на Лена Стојчевска (нејзиниот убиец В. Бурзевски пред неколку години во присуство на повеќемина историчари изјави: „Да ми наредеше Партијата, и мајка ми ќе ја убиев”) и на Панде Чесноска (во присуство на народниот херој З. Билјановски и М. Мицајков)? Случајот со петте струмички студенти кои една августовска вечер во 1951 година беа насилно собрани од струмичкото корзо, оттргнати од прегратките на своите девојки, одведени кон границата и свирепо убиени (по наредба на месниот комунистички функционер М. Минанева). И никој досега ниту нешто одговарал ниту, пак, е гонет или казнет за овие злосторства без судење. Е, барем за овие случаи Сојузот на борците требаше да има храброст и доблест да се извини и да се огради од незаконските репресии и тоталитаризмот во своите редови, од сите оние што го компромитираа и го вулгаризираа социјалистичко-комунистичкиот систем.
Тоталитаризмот на македонскиот комунизам се прикриваше под маската на „југословенскиот (српски) врховизам“, односно слепо и крваво зачувување на Македонија во рамките на братска Југославија преку елиминирање на целокупната политичка опозиција во Македонија, која по Втората светска војна се појави и дејствуваше за своја Македонија, за Македонија без тутор. А ваквиот т.н. црвен терор, за разлика од другите источноевропски држави, па и поранешни југословенски републики, е мошне карактеристичен, бидејќи станува збор за лица кои се бореле за самостојна, независна, обединета и демократска македонска држава, што во 1991 година стана и реалност.
А сега за жртвите на македонскиот комунизам!
Според првата и единствена официјална „Информација за преземените мерки на органите на власта спрема државјани на Р. Македонија за кои во периодот 1945-1993 година се располагало со основани сомненија дека дејствувале за формирање самостојна и обединета Македонија”, изработена од МВР во 1993 година, во периодот 1945-1985 година вкупно во Македонија биле откриени 105 илегални групи и организации со над 1.200 припадници, чие дејствување било насочено кон „отцепување на Македонија од заедницата на југословенските народи и создавање самостојна и обединета Македонија”. Од нив од слобода биле лишени 1.045 припадници на илегалните групи и организации, од кои 242 биле осудени на смрт или на временска казна до 15 години.
Во периодот од 1945 до 1980 година се одржале околу 700 политички процеси против членовите и припадниците на тајните организации и групи, на кои биле изречени стотици смртни пресуди и долгогодишни затворски казни.
За бројот на прогонуваните, затвораните и осудуваните лица со поинакви политички убедувања од постојниот комунистички режим доволно говорат 14.000 политички досиеја што ги водела Службата за државна безбедност при МВР и 22.000 затворски досиеја на затворените политички лица во затворот „Идризово”, или вкупно 36.000 досиеја. Тоа се политички досиеја на лица (од разни возрасти и професии - револуционери, интелектуалци, лекари, студенти, обични и полуписмени селани, лица во поодмината возраст и ученици-гимназисти, деца на 16 години), затворани, осудувани, прогонувани и стрелани во периодот 1945-1985 година од новата македонска комунистичка власт само затоа што се бореле за самостојна, независна, демократска и граѓанска Република Македонија и за идеалите на ВМРО. Ова е можеби единствен пример во историјата на човештвото некој да биде осуден од сопствената власт за патриотизам, за љубов спрема сопствената татковина.
Според неофицијалните податоци, во периодот 1949-1951 биле затворени 7.330 средношколци, а само во затворот „Идризово” биле затворени 2.500 политички затвореници.
И на крајот, ако направиме рекапитулација од официјалните и од неофицијалните податоци, доаѓаме до бројка од околу 50.000 македонски граѓани: уапсени, депортирани, судени, затворани, осудени на смрт, стрелани, убиени, исчезнати и кои имале политички и затворски досиеја. А сето ова е направено под знакот на „српот и чеканот”, во името на „диктатурата на пролетеријатот”, а од страна на „авангардата на работничката класа”. ( Клаудија Лутовска)