Како што се и очекуваше...
Се одложува оданочувањето на приходите од каматите на штедните влогови
Се продолжува рокот за неоданочување на приходите на камата на штедните влогови. Владата усвои измени на Законот за персонален данок со кој рокот се продолжува до влезот на Македонија во Европската унија, наместо како што беше предвидено од почетокот на 2013 година. Ова го соопшти вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, истакнувајќи дека таа е исклучително позитивна мерка и со тоа ќе се придонесе да се поттикне и да се задржи позитивниот тренд кај штедењето, но ќе значи обезбедување свеж капитал за стопанството.
„Мерката ќе има придобивки за вкупната економија и придобивки за банките, односно ја обездува стабилната депозитна база на банките од која тие ги финансираат стопанските субјекти. За граѓаните е позитивна мерка, бидејќи целиот приход што го добиваат од камати им останува на нив и не треба да плаќаат данок, а е позитивна за стопанството, бидејќи истовремено на нивните депозити нема да се плаќа данок, а ќе има поголем депозитивен потенцијал што ќе овозможи полесно да се добијат кредити“, рече министерот Ставрески.
Според него, ова е една мерка што вкупно е позитивна од сите аспекти на економијата, иако на некој начин буџетот останува без еден потенцијален приход, кој според одредена проценка изнесува околу 20 милиони евра. Вкупните депозити во Македонија, според министерот, изнесуваат 238 милијарди денари од кои 71%, односно 171 милијарда денари се штедни влогови на населението каде што има пораст од 9% во однос на септември 2011 година, а кај вкупните депозити порастот е 5,7%. Според него, со мерките што ги презема се настојува да се задржи добриот позитивен тренд кај штедењето.