Трето полувреме
После толку време да си пишам рецензија и тоа, не за било каков филм, за наш.
Човек да не знае од каде да почне. Моментот кога влегувате во преполна сала, каде нема ниедно празно столче и после две недели од премиерата или кога завршува филмот и гледате луѓе со солзи во очи, ќе ви предизвика разни емоции. А штом е нешто толку силно да ви поттикне емоција, не може да не го бива.
Не сакам да се осмелам да читам тралалајки од напатени душички кои се сметаат за соодветни критичари, филмот е уметност која некогаш се употребува за да оживее вистински настан. Е сега Германците одамна си ги признаа гревовите за нивната погубна нацистичка политика и се срамат од луѓето кои убиле толку многу луѓе, Бугарите нема никогаш да го признаат тоа, но нејсе пред фактите или ако ви е помило пред фотографиите и записите и боговите молчат. Замислете да фатеа Германците да кудеа по се што го портретира Хитлер, демек ништо он не сторил. Ќе беше тоа масовна смешка. Ама ние сме навикнати на балкански будалаштини и затоа не ме чудат ни реакциите.
Нејсе, ова не дури ни филм за политика, макар што изразува силна поента преку најважната споредна работа на светот. Прекрасно дело. Секако, си има свои недостатоци. За мене Катарина е најслабата алка во филмот на Дарко. Прекрасна е, убава, елегантна, баш како што треба да изгледа главната хероина, но нема никаква актерска умешност во неа и во сцените во кои стои до Раде Шербеџија гледате џин и џуџе. Мислам дека и Дарко еден ден ќе разбере зошто толку лоши критики доби Катарина.
Како и да е. Добрите страни. Извонреден македонски хумор, да ми е жив и здрав Тони Михајловски, до солзи ме насмеал. Не знам колку ќе го разбере тој наш дух странската публика, ама кога можевме да им се навикнеме на сите останати продукции, можат и тие на нашиот. Кога гледате една таква плејада на македонски актери како Митко Апостоловски, Ѕвезда Ангеловска, Владо Јовановски, Тони Михајловски, па тука е и Раде Шербеџија кој не можете да не го чувстувате како свој, не можете да останете рамнодушни. Младата гарда одлично си ја заврши работата, немам замерка. Само еден актер ми фалеше во еден ваков филм. Никола Ристаноски. Ја обожувам неговата актерска игра и секогаш очекувам да излезе од некоја страна во наш филм.
Победите на малите луѓе и малите народи се многу поголеми од оние на најголемите. Македонија победи. „А тоа е свето име мамичето ваше“.
Димитрија ми остави особен впечаток како лик. Прекрасно осмислено, уште подобро изведено. Приказна баш за Македонецот, кој сонува за поинакви чисти победи кои не се поврзани со ничиво крвопролевање. И мораш да гледаш како другите прават реки крв, додека се обидуваш да истераш победа на свој терен, сосема фер. Знаете, сме трпеле и трпеле низ историјата, ама рацете никогаш не ни биле валкани со крв, кога ќе погледнам назад немам од кого да се срамам, да покажам со прст за ѕверство. И токму тоа ви е прикажано преку Димитрија. Попрво себеси ќе се повредиме, отколку другиот. Свеста ни е поинаква.
И морам да го пофалам Ричард Самел ( се надевам точно му го напишав името). Каква глума, значи секоја чест.
Има филмот свои недостатоци, тек тук ќе најдете нешто што фали. Но, јас можам само да му честитам на Дарко за сработеното, бидејќи знам дека едно добри 10 години се обидуваше да го реализира филмов. Тоа е човекот кој го создаде еден од моите омилени филмови Балканкан, кој го имам гледано ни јас не знам колку пати. А и овој ќе го гледам изгледа исто толку. Се надевам дека наредниот проект ќе биде уште подобар и дека ќе создаде филм кој повторно ќе полни сали. Всушност тоа му го посакувам на секој македонски режисер.
Имаме ние приказни. Само некој треба да ги раскаже.