Во селото на Александар Самарџиев денес нема ни погреб, ни свадба
Во Мавровуни ни денес ни утре нема ни свадба ни погреб.
Ова за МКД.МК го изјави бившиот градоначалник на Мавровуни, гратчето од каде што било семејството на Александар Самарџиев, наводно загинатиот Македонец што им подлегнал на повредите нанесени од неколку члена на неофашистичката партија Златна зора од Грција.
Целата приказна почна со статусот на Стилјан Самарџиев од Лерин на Фејсбук, дека неговиот братучед Александар во петокот бил претепан во Солун и теран да си го смени презимето Самарџизис, за да не биде истото со неговиот веќе обележан братучед. Стилјан во август помина 13 дена во затвор откако се обидел да го закачи знамето на Кутлеш на една полициска станица во Солун.
Ден потоа, порталот на Македонска нација и Тодор Петров, претседателот на Светскиот македонски конгрес, а потоа и други медиуми, објавија дека Алекандар Самарџиев умрел како последица на претепување од неколкумина членови на Златна зора.
Откако ова се објави, настана вистинска бура од незадоволство и гнев поради овој инцидент. Се јавивме во болницата Папаниколау во Солун, каде што наводно умрел Александар, ама таму без директорот не можеа да дадат никакви информации, а директорот бил на викенд. Не се јави ниту една друга грчка или македонска официјална државна институција.
Попладнево конечно се јави грчкото министерство за надворешни работи – вестите за наводно убиство на студентот Александар Самарџиев во Солун се невистинити, тврди портпаролот на грчкото МНР Грегори Делавекурас.
„Не се случил ваков инцидент. Станува збор за морбидна имагинација. Ја поттикнуваме владата на ФИРОМ да биде повнимателна и да не остава простор за вештачко заострување на односите и национализам“, изјавил Делавекурас.
Портпаролот на Владата на Република Македонија Александар Ѓоргиев изјави дека Владата нема никаква официјална потврда за овој инцидент и дека штом добие каква било информација, тие ќе излезат во јавноста.
И од Виножито, македонската партија во Грција, велат дека немаат поим за таков инцидент. Уште повеќе, од таму велат дека тие контактирале со родителите на Стилјан Самарџиев, а овие им рекле дека нивното семејство нема никакви роднини во селата околу Воден и Солун.