Јавниот обвинител Љупчо Шврговски во изјава за МИА вели дека ќе се побара од полицијата да утврди кој е организатор за да може потоа да одлучат дали ќе поведат официјална кривична постапка.
- Во врска со информациите коишто преку медиумите беа пласирани дека е интонирана химна на странска држава во ДУТ, Јавното обвинителство по службена должност формира РО предмет за кривично дело предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост со член 319. Преку тој РО предмет ќе побараме од полиција да се утврди кој е организаторот за да можеме по разгледување на предметот да одлучиме дали ќе поведеме и официјална кривична постапка, изјави Шврговски.
Новата академска година на Државниот универзитет во Тетово на 17 септември почна со интонирање на албанската химна. На настанот присуствуваше и заменик-министерот за образование и наука Сафет Незири, кој изјави дека настанот не треба да се проблематизира бидејќи станува збор за химна на албанското знаме, а не химна на друга држава.
Министерот Кралев вчера го осуди интонирањето на албанската химна и ги повика надлежните институции да преземат мерки согласно законот.
- Ние го осудуваме тој чин, затоа што станува збор за државен универзитет и при вакви настани треба да се интонира државната химна на Република Македонија. Ова не е законска регулатива и предмет на Министерството за образование и наука. Надлежните институции се тука да одлучат дали ќе постапат согласно законите, истакна Кралев.