ЗА ДА ИМ СЕ ПОНУДИ KАKВА БИЛО РАБОТА НА НЕВРАБОТЕНИТЕ
Недостигаат најмалку 180.000 слободни работни места
Во Агенцијата за вработување се водат вкупно 272.392 невработени од кои 178.776 повеќе од две години „чекаат“ работа и на кои Агенцијата може да им понуди каква било работа
За да им понуди каква било работа на невработените, државата итно треба да најде околу 180.000 слободни работни места. Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека на списокот со невработени има вкупно 272.392 од кои 178.776 повеќе од две години „чекаат“ работа. На овие лица, според измените на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, кои се во собраниска процедура, Агенцијата може да им понуди каква било работа, а ако ја одбијат, веќе нема да бидат невработени. На другите околу 100.000 треба да им најде работа според струката или вработување со еден степен пониско образование. Измените на Законот „нудат“ и казна од 200 евра за тој што ќе биде фатен дека работи на црно, како и низа мерки за чистење на списокот со невработени, што крена голема врева во јавноста. Покрај опозициските партии, вчера реагира и невладината организација „Ленка“, според која бришењето на невработените е противуставно. Синдикалците с` уште чекаат да ги свика претседателот на ССМ, Живко Митревски, за да одлучат како и дали ќе реагираат на законските измени за кои не ни знаеле дека се подготвуваат.
„Дневник“ ги анализираше податоците од Агенцијата за вработување и пребројуваше колку невработени ќе „настрадаат“ со законските измени и колку работни места треба да се отворат за да се „затвори“ или намали списокот со невработени.
Анализата покажа дека во земјава во април годинава имало дури 80.836 лица, кои повеќе од 8 години чекаат работа и 34.708 лица кои се невработени од 5 до 7 години. Статистиката покажува дека други 14.604 лица чекаат вработување 4 години, 21.014 три години и 27.615 две години. Сиве овие влегуваат во категоријата на лица на кои државата може да им понуди каква било работа, а ако два пати ја одбијат, ќе бидат избришани од регистарот на невработени што бараат работа. Притоа, работата може да биде оддалечена на два часа пат со јавен превоз од местото на живеење. Другите помалку од 100.000 лица чекаат работа до две години и ним државата може да им понуди или соодветно вработување според струка (ако се на евиденција до 12 месеци) или погодно вработување со еден степен пониско образование. Податоците покажуваат дека околу 35.000 лица може да добијат работа со еден степен пониско образование, а на околу 65.000 лица ќе мора да им се бара работа според нивното образование.
„Ленка“: Бришењето на невработените е противуставно
Движењето за социјална правда „Ленка“ вчера реагира дека додека не се смени Уставот, бришењето на невработените лица е противуставно.
- Последниот обид за измени на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (1997) со кој се предвидуваше статистичко бришење на невработените од евиденцијата на Агенцијата за вработување во случај тие да одбијат несоодветна работа е противуставен и во директна спротивност со чл. 32 од Уставот, кој, покрај правото на работа, го гарантира и „слободниот избор на вработување“, како и со член 10, кој изрично забранува „присилна работа“ - велат од „Ленка“.
Од таму потенцираат дека пред точно една година, пред Уставниот суд тие веќе соборија слична одредба од истиот закон.
- Јавно порачуваме дека и оваа противуставна одредба ќе ја оспориме пред Уставниот суд веднаш по нејзиното влегување во сила и врз основа на веќе создадениот „преседан“ во судската практика на судот, ќе бараме нејзино укинување по итна постапка - велат од „Ленка“.
Меѓу невработените и 593 магистри и 24 доктори на науки
Бројките покажуваат и тоа дека Македонија има 593 невработени магистри и 24 доктори на науки, на кои во зависност од тоа колку време се невработени, може исто така да им се понуди каква било работа. Покрај нив, 21.303 невработени лица се со високо образование и 4.427 со вишо образование. На списокот има рекордни 124.038 лица или нешто помалку од половина од вкупниот број невработени во земјава, кои се нискоквалификувани или лица што имаат само основно образование или се и без него.
Александра Филиповска
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=A2AFFC71B97A0E4D8707A57B9D8E7EF6
Поштовани Доктор на науки , ве известуваме дека ви најдовме работа , од понеделник ве вработуваме во чистота и зеленило , собирање на комунален смет во Шуто Оризари.
Кај ќе најдат 180.000 работни места баш да видиме. Ама ќе најдат едно 10.000 непрофитабилни работни места , колку да ја преминеме баксузната над 30% невработени.