Српската телевизија РТС емитуваше снимка од изјавата на заштитениот сведок на српското обвинителство, кој бил директен учесник во процедурата на вадење човечки органи на Косово, кој до детали го опишал целиот процес.
Почнал со обука, преку операции во импровизирани болници до транспорт на аеродромот во Тирана од каде што органите биле дистрибуирани на црниот пазар.
Заменик обвинителот за воени злосторства на Србија, Бруно Векариќ, појаснил дека сведокот, инаку поранешен припадник на ОВК, бил обучуван во специјален камп во Албанија.
Во своето сведочење, кое српското обвинителство го смета за клучно во истрагата за трговијата со органи на Косово, заштитениот сведок објаснил дека е вршена обука за трансплантација и навел дека се учеле на пластични кукли во која имало делови од тело.
“Се обучувавме, доколку е потребно, како некој дел од телото, да речеме бубрег или срце, или бели дробови, како да се трансплантираат од еден на друг“, рекол сведокот.
Според него, му било кажано дека таа помош ќе ја пружа само на оние на кои им е потребно на Косово, како што се командантите.
“Зошто го учевме тоа? Ни беше кажано дека е поради тоа што тогаш српската полиција и војска беше присутна секаде, па не можевме нашите ранети да ги водиме во јавните болници“, навел сведокот.
“Ја почнавме обуката, кога лекарот, сега познат во светот и на Косово, ни објасни како се извршува трансплантација, како се вади срце од телото и како се вакумира во пластична кутија, потоа дека требаат некои масла, некои медицински течности да се стават во неа, по два часа или незнам точно“, рекол сведокот и детално опишал пример на вадење срце на заробеник на возраст од 19 или 20 години.
“Забележав дека не е војник на ОВК и секако немав право да прашам, оти кој сум јас. Бев млад, а тука имаше надредени. Му ги тргнаа превезите, двајцата војници кои го донесоа. Го фатија и го ставија на клупа, а потоа повикаа уште двајца војници за да му ги држат нозете за да не мрда“, рекол сведокот.
“Еден од лекарите донесе црна торба. Тоа беше нешто ново за мене. Од торбата извади некаква опрема која беше замотана. Тогаш првпат видов скалпел, ножеви и средства за операција“, раскажал сведокот.
Потоа опишал како му било извадено срцето на момчето.
“Ми дадоа скалпел. Почнав да чувствувам мачнина. Кога велам мачнина, мислам на ситуација како лош сон, кошмар без крај. И сега кога се сеќавам повторно ми се враќа тоа чувство. Ми рече што треба да правам на телото, да направам една линија, да го исечам, да направам операција со една рамна линија, од почетокот на гркланот до крајот на ребрата“, рекол сведокот.
Според него, откако го исчистиле тој дел, му било кажано: “Почнувај, немаме многу време“.
Сведокот додал дека пред да почне забележал дека не станува збор за Албанец.
“А како го забележав тоа? Кога му се приближив тој се отргнуваше, се бранеше. Почна да се моли: ’Боже, немојте да ме заколете, не ме убивајте!’“, навел сведокот.
“И почнав како што ме учеа на обуката левата рака да ја ставам на градите и да држам, а со десната рака да го земеш скалпелот и да повлечеш. Левата рака ја ставив на неговите гради и почнав да сечам. Кога стигнав до доле, крвта почна да тече. Го исеков на половина и тој почна да вреска да не го колеме и да не го убиваме, а потоа се онесвести, не знам дали се онесвести или почина“, навел заштитениот сведок.
Како што рекол, тогаш за прв пат видел човечки орган – срце.
“Бев преплашен. Ги исековме вените и кога го фатив срцето тоа и понатаму чукаше. Не знам како го направив тоа. Го ставив во кутија што ја донесе еден лекар, кој беше на моја возраст, и донесе некакви три шишиња“, раскажал сведокот.
Тој додал дека еден од старешините му рекол: “Секоја чест, да ти се позлати, такви војници ни требаат на Косово. Само така ќе победиме“.
Органот потоа бил ставен во кутија и однесен во возило марка “волво“.
Сведокот објаснил дека тогаш сфатил дека органите не им се потребни за помош на старешините и војниците, туку за трговија со органи.
“Мислев дека ќе биде за старешината што го однесовме во болница, но почина...Мислев дека ќе оди за Тирана, но го продолживме патот до аеродромот во Тирана. Кога стигнавме не’ дочека албанска војска во униформи. Имаше еден авион и од него излезе едно лице – згоден човек. Имаше кратка брада, но не беше Албанец. Колку што можев да забележам, авионот беше мал, приватен. Видов турско знаме“, навел сведокот истакнувајќи дека тогаш сфатил за што се работи.
“Сфатив дека се работи за бизнис, за трговија со органи, продажба. Не се работи за идеали туку за нешто ружно“, навел сведокот.
Сумирајќи го сведочењето на заштитениот сведок, заменик обвинителот истакнал:
“Не сакаме да се лажеме себе си и другите со изјави во кои не сме сигурни. Ова е само еден отсто од она што тој ни го кажа. Не сте виделе ниту една локација..., ние го проверувавме 16 месеци на сите можни начини, а сите меѓународни институции и обвинителста ќе имаат прилика да разговараат со него и да се уверат во неговиот кредибилитет“, нагласил Векариќ.
БОРЦИ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ПРЕДВОДЕНИ ОД АМЕРИКА И КОСОВЕ ,АЛБАНИЈА