Натпреварите од новата сезона на Лигата на шампионите и на Лига европа ќе бидат достапни за гледање само за корисниците на MaxTV пакетите на Македонски телеком. Компанијата од УЕФА ги откупи правата за двете фудбалски лиги за наредните три години.
Во тековната сезона ќе бидат достапни вкупно 210 натпревари од двете лиги и паралелно ќе може да се гледаат до четири натпревари, информираа денеска на прес-конференција претставници на раководството на Македонски Телеком.
Промотивно фудбалските фанови ќе можат да го следат најпрестижниот европски фудбал бесплатно до крајот на септември. По истекот на промотивниот период фудбалските натпревари од Лигата на шампиони и од Лигата Европа ќе бидат достапни во Max Sport+пакетот за 199 денари месечно. Покрај натпреварите од двете лиги, Max Sport + пакетот ги вклучува и спортските канали Sport klub, Sport klub +, Extreme sports, Motors TV и ESCPN classic.
Освен со Max Sport + пакетот, содржините од Лига на шампиони и од Лига Европа ќе можат да се следат и преку новововедената услуга „Плати за да гледаш“ ( Pay Per View), при што секој од натпреварите, поединечно, ќе биде достапен за гледање по цена од 99 денари, со вклучен ДДВ.
Според новините од компанијата, во вторник преку сите платформи, натпреварите од Лига на шампиони ќе се гледаат на посебни канали, коишто се реализирани во соработка со Арена спорт од Србија, а се екслузивно достапни само за корисниците на МТ и Т-Мобиле. Во среда и во четврток, покрај еден натпревар кој ќе се емитува на првиот канал на МТВ, кој исто така им е достапен на сите MaxTV корисници, на посебните канали ќе бидат обезбедени и до осум натпревари дневно, повторно достапни на сите платформи и екслузивно за корисниците на МТ и Т-Мобиле.