За оние кои се изјаснија дека барањата се смешни и нереални:
Треба да е јасно дека барањата ги оформи група од 20-30 луѓе кои преку повик од ФБ се собраа пред Мајка Тереза во понеделникот, па понатаму и секој ден до денес, за да учествуваат во организација на протестот и смислување стратегија на борба против прескапите енергенти. Меѓу тие луѓе има секакви, млади и стари, по некој од нив се разбира во енергетика, по некој се разбира во нафтениве деривати, по некој истражувал за политиките на Топлификација, ама никој од нив не е стручњак за сите овие прашања.
Без барања секаков протест е бесмислен, и затоа мораше да се срочи паушална листа на конкретни барања, што не беше лесно. Со оглед на тоа што се работи за крајно стручна област во чии рамки се буниме, логично е барањата да не се прецизни со бројки, па дури и да се нереални. Во секој случај, основното барање, т.е. причина за нашиот револт е јасен ко ден: БАРАМЕ ДА СЕ ПОЕФТИНАТ СТРУЈАТА, ПАРНОТО И НАФТАТА ДО НИВО КОЕ ОДГОВАРА НА СТАНДАРДОТ НА ЖИВЕЕЊЕ. Разбирам дека тоа „ниво“ е крајно релативна вредност, ама не е наше да смислиме стручни начини како да се стигне до цена која нема безочно да ги преоптеретува буџетите на семејствата. Наше е да искажеме револт затоа што најголем дел од народов повеќе не може да си дозволи волку високи сметки со таа мизерна плата, а таа порака е повеќе од јасна. Останатото е на надлежните да си го решат.
Друга работа: средбите секој ден се објавуваа на настанот и нон-стоп се охрабруваа што поголем број луѓе да доаѓаат и да учествуваат во техничките подготовки, што се најтешка и најдосадна работа. Од 3000 луѓе пријавени, секоја вечер доаѓаат 1% од нив. Луѓето кои учествуваат во организација на протестот не се „организатори“, ниту се некое здружение, ниту професионални, ниту затворена група. Секој што сака и знае како да придонесе, е повеќе од добредојден. Критиката од надвор нема да помогне, ако оној кој ја упатува директно не учествува во процесот за да влијае на исходот.