Град Скопје ќе се рекламира за 115.000 евра
За 115.000 евра градоначалникот
Коце Трајановски ќе се рекламира преку ТВ спотови. Деновиве Град Скопје потпиша договор со фирмата "Квазар филм", која треба да осмисли и да направи ТВ спотови за сето она што е сработено во градот за четиригодишниот мандат на Трајановски.
"Фирмата 'Квазар филм' треба да изработи 15 ТВ спотови со кадри од постоечки локации, да изработи четири комплетни 3Д визуелизации, со 3Д визуелни ефекти и да продуцира еден ТВ спот за туристичка промоција на Скопје. Исто така треба да закупи простор на минимум четири веб портали, за период од 12 месеци, на кои ќе се прикажуваат спотовите", стои во договорот кој меѓу Град Скопје и фирмата "Квазар филм".
Од кабинетот на градоначалникот Коце Трајановски пред два месеци кога беше објавен огласот за избор на маркетинг агенција тврдеа дека со нарачката на овие спотови не тераат предизборна кампања со пари од граѓаните.
"Спотовите кои ќе бидат пуштани во медиумите се со цел јавноста дополнително да се информира за проектите кои се изработени во градот од 2009 до 2012 година", рекоа од Град Скопје. (А.А.)