Извршниот директор на Вардар, Горан Митев, го оправдува именувањето на Благоја Милевски за нов шеф на стручниот штаб, а потенцира дека тоа е и светска практика, кога замина Гвардиола, Барселона за негов наследник го именува првиот соработник.
„Благоја Милевски во овој момент е најдоброто решение за тимот. Добро ги познава играчите, работеше секојдневно со нив и заслужи да добие шанса да биде шеф на стручниот штаб по заминувањето на Илчо Ѓорѓиоски. Со него ќе се задржи континуитетот во работата, впрочем така прават и најголемите светски клубови. Една Барселона по заминувањето на Пеп Гвардиола за нов тренер го постави неговиот дотогашен асистент Тито Виланова. Зошто ова не би можело да се примени и во Вардар“, вели за ЕКИПА, Горан Митев.
Тој верува дека Милевски успешно ќе ја продолжи работата на Илчо Ѓорѓиоски, а очекува да внесе и свои новини во играта на Вардар. Мисли дека неиускуството нема да му претставува проблем.
„Точно е, тој нема искуство како шеф на стручниот штаб, но тоа не значи дека не е доволно квалитетен. Секој однекаде почнува, па дури и Мурињо бил асистент, а потоа му била дадена шанса за да биде прв тренер и тој ја искористил. Милевски сега ја добива шансата, а од него, од неговата работа и од резултатите ќе зависи дали ќе ја искористи. Да се надеваме дека ќе продолжиме со успешни игри и резултати како минатата сезона и дека ќе ја одбраниме шампионската титула, иако секогаш е потешко нешто да се одбрани и потврди, отколку да се освои. Тоа е новиот предизвик за Вардар во новиот шампионат“, истакнува извршниот директор на Вардар.
ВАРДАРЦИ ЈА ДОБИВААТ ШАМПИОНСКАТА НАГРАДА
Во текот на наредните денови, фудбалерите на Вардар треба да ја добијат наградата за шампионската титула која изнесува вкупно 60.000 евра.
„Правиме напори оваа шампионска награда на фудбалерите да им биде исплатена пред почетокот на новото првенство“, информира Горан Митев.
ШИШКОВСКИ ЗАМИНА ПОРАДИ КОШАРКАТА
Горан Митев објаснува и зошто Зоран Шишковски поднел оставка на функцијата претседател на ФК Вардар на вчерашниот Одбор на директори.
„Зоран Шишковски поднесе оставка затоа што веќе е именуван за нов претседател на КК Работнички. За да се запазат законските регулативи, тој вчера и официјално поднесе оставка, но ќе биде в.д.претседател на клубот, се додека наредниве денови не биде именуван нов претседател на ФК Вардар“, заврши Горан Митев.
http://ekipa.mk/News.aspx?newsId=10232