Иловица крие и сребро и платина?! Еуромакс молчи за деталите
Рударските експерти проценуваат дека покрај огромните количини бакар и злато, најверојатно, Огражден лежи и на сребро, платина, иридиум, метали кои се енормно скапи. Од Еуромакс не даваат никакви информации дали и колкави количини од овие вредни метали има кај Иловица. Велат, во фокусот на нивниот интерес биле бакарот и златото
Потенцијалниот рудник кај Иловица, покрај 790.000 тони бакар и 130 тони злато, најверојатно крие сребро, но и скапи платинести елементи. Дел од геолозите и од рударските експерти проценуваат дека Огражден, најверојатно, лежи и на иридиум, платина, родиум, платинести елементи кои се многу скапи. Тие ја отвораат дилемата зошто никој не обелодени дали кај Иловица, можеби, покрај бакарот и златото, има и сребро и платинести елементи, кои и тоа како ќе ја зголемат важноста и богатството на македонското Елдорадо - Иловица.
„Засега, компанијата која истражуваше кај Иловица кажа дека нашле најмалку 790.000 тони бакар и 130 тони злато. За сребро или за некој благороден метал засега никој не зборува. Најчесто, рудниците богати со бакар и со злато имаат и наоѓалишта на сребро. Никој не кажува го има среброто или го нема и ако го има, во колкави количини е. Јас верувам дека го има. Интересно е и тоа што вообичаено, кај поголемите рудници за бакар, каде што има злато и сребро, тука може да се најдат и група платински метали, кои се енормно скапи“, ја отвора дилемата деканот на Технолошко-металуршкиот факултет, Александар Димитров.
Од канадски Еуромакс пак, инвестицискиот фонд кој ги наследи десетгодишните истражувања на американско-бугарската компанија Фелпс Доџ Вардар кај Иловица, не даваат никакви информации дали и колкави количини сребро и благородни метали се кријат во потенцијалниот најголем рудник за бакар и злато во Југоисточна Европа.
„Фокусот на истражување на Еуромакс главно е насочен кон потенцијалите на бакар и злато и на тоа се насочени во моментов нашите ресурси“, кусо велат од Еуромакс за „Капитал“.
Не е јасно зошто Еуромакс крие дали покрај огромните количини злато и бакар, под планината Огражден можеби пронашле и резерви на сребро и платинести елементи кои имаат висока берзанска цена.
Металуршките експерти во земјава се децидни дека доколку ретките метали ги има кај Иловица, тие може да се извлекуваат и да се преработуваат без дополнително да се вложува огромна сума пари.
„Ако некој се одлучи да откопува бакарна руда, па да оди на фазата концентрирање, па претопување на бакарот, по што ќе добие рафиниран бакар, значи инвеститорот ги поминува сите фази и бакарот може да се продава по 8.300 долари по тон, колку што е актуелната цена на светските берзи на бакарот. Тогаш, како нуспроизвод се добива и златото, а притоа сите трошоци се покриени и имате профит. Бидејќи ретките метали влегуваат во последната фаза на сите преработки тука, во електрорафинацијата на бакарот, на пример, тие се наталожени веќе и оттаму само треба да се извлечат. Значи, со уште еден степен на доработка благородните метали можат да се извлекуваат, што е екстра профит“, објаснува Димитров за „Капитал“.
Ако се земат предвид најавите дека канадскиот инвестициски фонд Еуромакс, кој ги наследи десетгодишните истражувања на американско-бугарската компанија Фелпс Доџ вардар, планира да вложи околу 700 милиони евра во Иловица, според експерите, тоа би требало да значи отворање рудник и топилница, процес од кој ќе се добие чист катоден бакар.
Познавачите за „Капитал“ предупредуваат дека најмалку што може да се бара од потенцијалниот инвестититор кај Иловица е да произведува рафиниран, чист бакар, не задоволувајќи се само со производство на катоден бакар, кој е далеку поевтин од чистиот бакар.
Според сегашните цени на бакарот и на златото на светските берзи, бакарот и златото кај Иловица „тежи“ неверојатни 10 милијарди евра!...
http://www.kapital.mk/mk/makedonija/83870/ilovica_krie_i_srebro_i_platina_!_euromaks_molchi_za_detalite.aspx