Прилепскиот „Пиво-фест“ руши рекорди
Неофицијални бројки велат дека на третата вечер на „Пиво-фест“ престојувале 130 илјади посетители, кои испиле 110 тони пиво и изеле 39 тони скара, или вкупно во трите вечери Прилеп го посетиле над 250 илјади луѓе, кои испиле околу 170 тони пиво и изеле околу 60 тони храна
Жељко Јоксимовиќ ја отпеа и македонската „Јовано, Јованке“
ТРЕТА ВЕЧЕР НА ПИВСКИОТ ФЕСТИВАЛ
Најголемата забавна, но и културна прилепска манифестација „Пиво-фест“ руши рекорди по број на посетители, но и според испиеното пиво и изедената скара. Атмосферата е фантастична, се коментарите на посетителите.
Неофицијални бројки велат дека на третата вечер на „Пиво-фест“ престојувале 130 илјади посетители, кои испиле 110 тони пиво и изеле 39 тони скара, или вкупно во трите вечери Прилеп го посетиле над 250 илјади посетители, кои испиле околу 170 тони пиво и околу 60 тони храна. Прилеп буквално беше сардисан од сите страни. Без никаков проблем во градот влегоа околу 25 илјади возила. Многумина од посетителите, особено младите, пристигнаа со вонредните возови, а дел од нив кампуваа во Паркот на револуцијата во Прилеп.
Градоначалникот Марјан Ристески вели дека се презадоволни од текот на годинешното издание на пивскиот фестивал.
- Докажавме дека за Прилеп не постои лимит. Ги срушивме сите рекорди што ги имавме во последните години и по бројот на посетители и по испиено пиво. Забавата беше одлична. На високо ниво беше и комуналната хигиена, од што сум особено задоволен. Можеме да кажеме дека Прилеп е број еден во организација на фестивали - изјави градоначалникот Ристески на вчерашната прес-конференција.
Посетителите што дојдоа првпат, дури и од Австралија, велат дека се фасцинирани од организацијата и од посетеноста.
- Првпат сум на фестивалот. Навистина сум многу задоволен, пред сѐ од одличната организација и уште поубавата забава. Изненаден сум колку Прилеп напредувал за десетина години, колку што сум надвор од градот - вели Горан Милошоски од Австралија.
Илјадниците посетители, особено младите, одлично се забавуваа на настапите на Мирослав Илиќ и на Џеј Рамадановски, а кулминацијата достигна со настапот на балканската ѕвезда Жељко Јоксимовиќ, кој пееше повеќе од два часа. „Љубави“, „Није љубав ствар“, како и македонските „Јовано, Јованке“, „Сокол пие крај Вардара“ беа само дел од композициите што им ги подари на илјадниците посетители.
- И благодарам на публиката затоа што мислам дека од тоа што го видов ова е еден од моите концерти со најмногу публика. Многу сум задоволен од организацијата на целиот фестивал. Ја испеав „Јовано, Јованке“, не поради тоа што е македонска песна, туку поради тоа што сопругата ми се вика Јована, а искрено навистина многу ја сакам песната - изјави Јоксимовиќ по концертот.
Градоначалникот Ристески на пејачот му подари икона од св. Никола, а тој откри дека овој празник му била домашна слава.
Синоќа на прилепскиот „Пиво-фест“ настапија Петар Грашо и Лепа Брена, по што беше затворен фестивалот.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=7161295642&id=49&setIzdanie=22631