Колку пари толку музика. Штеди оној што има, на другите им треба денар повеќе за да имаат колку-толку човечки живот. Еве, нека не се 200 евра плата, нека се 300-400. Што ќе остане ако со нив живеат 2-3 луѓе (и повеќе) кога ќе се платат сметките? Нешто за облека, нешто за патни трошоци, најмногу за храна. Храната е посебна приказна - каква храна би се конзумирала кај нас со ограничен буџет и како тоа би се одразило врз здравјето за едно 10-15 години, ако веќе сакаме долгорочно да планираме. Најголемиот дел од населението преживува, можеби не е крајно сиромашно (да умира за храна и за вода и да е без покрив над глава), но секојдневно мака мачи да ја одржи (ако веќе не може и не знае да ја поправи) својата економска состојба.
Ваквите оценки и проценки на Евроцентар се глупи, нереални, креирани од луѓе кои живеат во свој свет и од носот не гледаат подалеку. За секој план треба некаква основа - вишок финансии (ако некој има и сака да заштеди), некаков недвижен и подвижен имот, и најпосле знаење што и како треба да се прави. Ми текна сега една убава мисла на Е. Бирс од Ѓаволовиот речник која е посредно поврзана во темава а која дава едно алтернативно објаснување за грабежливоста, која е штедливост на моќните. Кај нас оваа дефиниција се покажа како крајно вистинита и применлива, барем што се однесува до олигархијата т.е. економската елита кај нас. Таа така финансиски испланира и за себе а богами и за нас. Таа навистина заштеди.
Се движиме главно во кругови кои ни се блиски - географски, интелектуални, финансиски, професионални. На еден скопјанец, вработен во приватна/државна институција, кој зема 500 евра плата, чија сопруга не поминува полошо, кој има во наследство добиено стан и си комуницира со луѓе кои горе долу имаат сличен живот, нема многу разбирање за потребите и можностите на некој селанец од Демирхисарско, кој е ептен „недомаќин“ затоа што тешко врзува крај со крај. Ова само како пример. Зошто многу од нас си мислат дека ако тие поминуваат добро, дека и со другите треба и мора да е така. Ситиот на гладниот не му верува.