„Македонија ги изгуби пријателите, бидејќи тие мора да веруваат во искреноста на вашите определби“. Со овие зборови шефот на дипломатијата на Словачка и поранешен специјален преставник на ЕУ во БиХ, Мирослав Лајчак, ја опиша моменталната надворешнополитичка позиција на нашата држава на форумот за Балканот што се одржа викендов во Софија.
Тој беше еден од вкупно тројцата што ја споменаа попатно Македонија, бидејќи како тема таа беше игнорирана сосема на форумот, освен од бугарските функционери и тоа само на средбите со новинарите. Пораката на Филип Рикер, заменик-помошник државен секретар на САД за европски прашања, беше дека не можат САД повеќе да не' сакаат од нас самите, со генерална оцена за сите на Балканот дека не треба да сметаат веќе на родителскиот однос на Вашингтон и Брисел, туку до решенијата треба да дојдат самите локални лидери.
„Многу нешта зависат од нив. Не можеме ние во ваше име да ги решаваме проблемите“, порача Рикер, додавајќи дека задача на ЕУ и НАТО е да праќаат кон регионот единствени пораки. Роберт Купер, советник во кабинетот на Кетрин Ештон, сметаше дека спорот на Македонија е беспредметен, односно, како што рече, за десет години ќе се чудиме зошто сме изгубиле толку време на него. Надвор од говорницата, оцените беа дека е тажно тоа што се случува во нашата држава бидејќи порано само Грција беше гледана како ирационалната, а сега така се гледа и Македонија, за што најмногу придонесле спомениците. Сепак, освен бугарскиот премиер Бојко Борисов, никој друг немаше желба премногу да се задржува на Македонија, која пак официјално беше претставена од вицепремиерката Теута Арифи.
Генерално, бугарскиот шеф на дипломатијата, Николај Младенов, предупреди дека во регионот расте национализмот и дека тој им се заканува на општествата, а аналитичарот Иван Крастев го дополни со оцената дека „ЕУ веќе не носи гласови и дека тоа го покажаа последните избори во Србија“. Поранешниот шеф на дипломатијата, Франко Фратини, пак, алармираше на игнорирањето на Турција, прашувајќи дали е во интерес на Европа таа да се сврти кон Иран и општо кон Исток, повлекувајќи го во тој правец и Западен Балкан. Најостар во однос на случувањата во регионот беше Николаус Граф Ламбсдорф, одговорен за Југоисточна Европа во германското МНР, кој рече дека Берлин посакува сите земји на Балканот да бидат членки на ЕУ, но дека техничкиот дијалог со нив покажува дека не се имплементира тоа што се прифаќа формално како услов.
„Еден ден ќе има повеќе германски трупи во Косово отколку во Авганистан и ова ќе иницира гадни прашања во германскиот парламент што ќе биде тешко да се одговорат. Кога ќе видиме убиени германски војници или пукање за да ги убијат и како германскиот командант се споредува со Адолф Хитлер, а на тоа нема реакција од Белград - тоа ќе не' погодува“, објасни сликовито Ламбсдорф каде го гледа проблемот со европската ориентација на нашите земји.
Тој притоа повика да не бараме изговори во актуелните проблеми на ЕУ, бидејќи тоа нема ништо со остварувањето на реформите во земјите во регионот. Најнаклонет на регионот беше Фратини, кој повика кон земјите и нивните напори да се пријде со повеќе почитување место постојано да им се продолжува времето на чекање, а со тоа и фрустрациите. „Тоа избирачите знаат да го казнат“, заклучи Фратини.
Ѕвезда на форумот беше Црна Гора, за која и Рикер и Лајчак имаа само суперлативи, од тоа дека прогресот на таа земја е значаен и многу видлив, при што вториот извести дека за прогресот на Црна Гора се расправало на маргините на Самитот во Чикаго и дека оваа земја веќе се гледа како водечка на листата од четири кандидати за прием во НАТО, т.е. пред Македонија.
На форумот се слушна, исто така, дека и Германија е решена да ја турка Црна Гора, а Рикер најави дополнителни притисоци врз Подгорица за нејзиниот напредок да биде уште поголем. „Синоќа завршивме во бугарско диско. Но, тоа не е крај на светот“, беше последната изјава на „Твитер“ на Карл Билт со која му стави крај на форумот за Балканот, прв по подолг период игнорирање на регионот.