Драга,
Дожд пак. Има нешто невообичаено прекрасно во оваа природна појава, која неверојатно многу убаво ми влијае. Секоја болка ми е поприфатлива, секоја тага полесна, секој ќорсокак ми добива пат од нигденикаде.
Кога си одев вчера накај дома, најдов убиено кученце на улица. Сигурно беше свирепо удрено од кола, бидејќи главчето му беше скршено и зафрлено дури под телото. Крв едно чудо. Срцето ќе ми пукнеше дури дотрчав до него да видам дали е моето, пред влезот што ми спие. Не беше тоа, но не ми беше нималку полесно ради истото. Никогаш нема да ја заборавам глетката и колку истата ме скрши. Не знам ни што да напишам за барем малку да ти доловам како ми е. Заеби... навикната сум да сум неразбрана.
На страна тоа, вчерашните молитви ми се остварија. Барем еден колку толку мирен ден. Доволно е, не пребарувам. Плус и дождов како бонус... го ценам тоа.
Иначе, ти имам кажано колку мразам да ме лаже некој. А да плаќаш и да те лаже? Знаеш ли ма шо му е на светов? Уствари на луѓево... светов арен си е. Не можам никогаш да сфатам некои работи и покрај тоа што имам толку години начукано.
Сакам да напишам и нешто убаво за промена, за да не сум монотона и досадна. Не ми текнува ништо, мамата. Ај чекај еве еден виц, иако повеќе ме бива за слушање отколку за кажување.
Си доаѓа жената од работа и уште невлезена дома почнува да вика по мажот:
"Ти бре ти, леле колку си ти неспособен! Ти си неспособен, мајка ти е неспособна, татко ти е неспособен, брат ти е неспособен, кучето ти е неспособно, абе се` ти е неспособно! Абре ти на натпревар за неспособни да одиш, второ место ќе освоиш!"
На тоа мажот ја прашува: "Зошто бе злато, зошто второ место?"
А таа: "Зошто си неспособен!!!"
Вицов ни е како узречица станат, па реков ај да го знаеш и ти ако не си го знаела до сега.

Биди ми поздравена, морам да станам и да одам некаде, иако ама ич појма неам каде.

Песна сакаш? Ај на ти една... мене ме остава без воздух, за тебе не знам.