Столе Попов снима филм за македонската кауза
Природна убавина, зелени ливади пресечени со земјени патеки водат кон местото каде што проаѓала стара пруга, недалеку од селото Света, во близина на Демир Хисар и на половина час до Битола. Знаци поставени на бандерите на кои пишува „филм“ го бележат патот кон пругата која води до една голема ледина со шатори, а наспроти изгорена куќа. Таму, од вчера се вее турско знаме, а турски аскер ја има зафатено ливадата. Мекаат кози, коњите водат пајтони, а стогови сено се бојат во златно, на жолтото сонце. Се шетаат жени со марами и кошници, деца со распарталени алишта и мажи со бркови и долги коси. И пристигнува славниот воз „Ориент експрес“, кој е од почетокот на 20 век, во 1906 година.
Ова е сликата за сетот за новиот филм на Столе Попов „До балчак“, чија прва клапа падна вчера. С` е комплетно изградено за потребите на филмот и претставува железничка станица - контролен пункт на Отоманската Империја. Старата парна локомотива со пет вагони, која сообраќала на релација Лондон-Париз-Букурешт-Атина-Истанбул, е раскошно опремена. Се сними кадарот кога возот влегува во Македонија.
Режисерот Столе Попов вели дека конечно, по 25 години, откако со Горан Стефановски го почнале сценариото, го снима филмот кој треба да проговори за она што е корен на македонската кауза, за слободата, сопствениот идентитет и за тоа како таа да се зачува и да се одбрани.
- Сиве овие 25 години немав потреба да менувам нешто битно во сценариото. Луѓето го одредуваат филмот и тоа се тие универзални вредности и идеи. Проблемите на луѓето секогаш биле исти. Се менува само надворешниот свет, но внатрешниот, што ги определува сите општествени релации и односи останува константен. Иако ова е филм што обработува епоха, тој е современ бидејќи неверојатно добро комуницира со денешницата - рече Попов.
На сетот присуствуваше и министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска, која не го криеше своето одушевување.
- Ова е ремек-дело, нешто што првпат го гледам иако сум присуствувала на многу сетови. Овој филм е од голема историска и културна важноста за нашата држава. Убедена сум дека ќе се гордееме со еден ваков филм, кој е од голема историска важност за нашата држава – рече министерката.
За главната женска актерка во филмот, Словенката Инти Шрај, ова е преубаво искуство.
- Јас ја играм Тереза, која за мене е симбол на слобода, свеж ветер од почеток докрај. Таа доаѓа од Англија и од Франција и за неа с` е ново. Ова е голем филм – рече Шрај.
Мартин Јордановски и Сашко Kоцев ги имаат двете главни машки улоги. Јордановски е Филип, а Kоцев - Kрсто.
Kоцев истакна дека овој лик ќе направи големи промени врз него како тип на актер.
На снимањето вчера присуствуваа и Тони Михајловски и Сенко Велинов. Играат и Јовица Михајловски, Искра Ветерова, Јордан Симонов, Драган Спасов, Никола Ристановски, Гораст Цветковски, Ана Kостовска, Владо Јовановски, Kамка Тоциновски.
Филмот е продукција на „Триангл филм“ во копродукција со „Сектор филм“, ФХ3Х и Македонската радио-телевизија. Главниот продуцент Данчо Чевревски, кој ќе се појави и во една од улогите, вели дека филмот ќе се снима 10 недели претежно во Битола и во околината, но и во селата Рапеш, Штавица, Маково, околината на Штип, Kриволак и ќе заврши во Скопје. Наскоро на актерската екипа ќе ~ се приклучат и српските актери Мики Манојловиќ, Никола Kојо и Бата Живоиновиќ како специјален гостин.
Вкупниот буџет на филмот е 3.600.000 денари.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=9D0D327C4BCC644C93CA19E4EB27C6B5