Попоски: Нема причина за загриженост од каква било природа
Република Македонија во многу наврати ја има покажано сериозноста и нивото на посветеност на сите институции дека работат на најодговорен начин и законито. Во Република Македонија сметам дека и сега, како и во минатото имаме покажано навистина високо ниво на зрелост и во секој случај така ќе се однесуваме и во иднина, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Во однос на безбедносната состојба Попоски вели дека не смета дека има голема причина за загриженост од било каква природа. - Во секој случај сите институции надлежни во тој сегмент си ги извршуваат своите задачи, како и ние во Министерството за надворешни работи кои целосно посветено си ги извршуваме своите задачи за претставување на РМ надвор, рече Попоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали Македонија е под закана за тероризам и за оценка на безбедносната состојба.
За тоа колку професионални дипломати ќе заминат во мисиите на РМ во странство имајќи ги предвид најавите за пополнување на испразнетите амбасадорски места и конкурсот во МНР за други испразнети места во претставништвата, Попоски рече дека во овој момент не сака да излегува со никакви констатации имајќи предвид дека процесот на избори е во тек.
- Не би сакал да излегувам со никакви констатации пред тој процес да биде целосно затворен и да ги имаме официјално потврдени имињата за кој било кандидат. Во овој момент кога ќе ги именуваме секако дека ќе излеземе и ќе бидете навреме информирани, рече шефот на дипломатијата.
Јавноста исто така ќе биде информирана за тројцата амбасадори кои постигнале најдобри резултати во изминатиот период. Попоски, кој денеска се обрати на Денот на МНР, рече дека оваа информација треба да помине на Влада и потоа ќе биде споделена со јавноста.
http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=603FF8C0CF41F94998213E8B62E7985B