Електронското издание на „Лајм“ (
www.lajmpress.com) пишува дека лидерот на табелата Вардар би можел да биде дисквалификуван од Првата лига поради неправилности во фузијата со Миравци, а Шкендија тогаш би можела повторно да стане шампион...Овој портал се повикува на одредени извори од ФФМ, а истакнува дека истрага за фузијата ќе спроведува УЕФА. Оваа теорија веќе подолг период се врти низ кулоарите, а ЕКИПА тоа претходно го провери во Фудбалската федерација на Македонија.
Одговорот оттаму не беше конкретен, но не може ниту да биде, затоа што процедурата за лиценцирање на клубовите за европските купови се уште е во тек, а дефинитивната одлука ќе биде позната при крајот на мај.
Вардар пред почетокот на минатата сезона се фузираше со второлигашот Миравци, ги мина сите правни процедури за да ја превземе лиценцата за настап во Првата лига, се преименува во Вардар 1947, а по одреден период и си го врати името во Вардар. Исто така спроведена е и правна процедура за богатата историја на клубот, со сите резултати и титули, да му припаѓа на новиот субјект, кој сега се натпреварува во прволигашка конкуренција. Во меѓувреме, Вардар, како прв клуб во Македонија се трансформира во акционерско друштво и сега функционира според новата законска регулатива во нашата држава.
Токму тука и лежи „проблемот“ што би можела да го види УЕФА, но би важел за сите македонски фудбалски екипи подеднакво. Тие мораат да се преструктуираат во акционерски друштва и тогаш би биле нови правни субјекти, а УЕФА при постапката за лиценцирање бара да биде доставен финансиски извештај за изминатите три сезони. Тоа нема да биде можно, затоа што новите правни субјекти едноставно ќе немаат што да приложат, освен да биде потенцирано дека токму тие се наследници на фудбалските прволигаши кои досега функционираа(т) како здруженија на граѓани.
ЕКИПА од ФФМ доби одговор дека е во постојана комуникација со УЕФА и дека веќе има најавено како сите фудбалски прволигаши ќе мораат во текот на оваа година да се преструктуираат во акционерски друштва и очекува Европската куќа на фудбалот да има разбирање за тоа, бидејќи всушност клубовите мораат да се прилагодат на новата законска регулатива во Република Македонија. Токму затоа и Агенцијата за млади и спорт веќе одреден период одржува работни состаноци со претставниците на спортските федерации и на спортските клубови во државата, објаснувајќи им како треба да тече процесот на нивна трансформација во акционерски друштва.
Извор