Ноќта кон саботата скопската полиција регистрирала повеќе насилства, во кои едно момче на улицата „Рузвелтова“ во централното градско подрачје е прободено со нож, а во другите случаи се регистрирани употреби на разни видови оружје.
Околу 02,30 часот во Скопје на улицата „Рузвелтова“, 25-годишен скопјанец по претходна расправија, од 23-годишен сограѓанин бил повреден со нож во левата страна на градниот кош. Напаѓачот избегал од местото на инцидентот, а полицијата трага по него и работи на расчистување на случајот. Повреденот момче е згрижено во Градската општа болница Скопје, а неговата состојба е стабилна.
Во петокот навечер, околу 20,20 часот, скопската полиција добила известување дека на улицата „Цветан Димов“ во скопската населба Чаир, четири лица се инволвирани во меѓусебна тепачка, при што едно од нив извадило нож во намера да се пресмета со противниците. При брзата интернвенција на полицијата приведено било осомничено 17-годишно момче, кај кое полицијата открила нож со дрвена рачка со сечило од 8 цм и боксирач, за што му е поднесена соодветна пријава.
Претходно во петокот, околу 17 часот, во Скопје на улицата „М.К.У.Б.“ поточно кај автопералната „Муча“, исто така, во скопски Чаир, настанала расправија меѓу две лица, а по само 15 минути на местото пристигнала група од 15 помлади лица коишто ги повикал едниот од учесниците во кавгата. Откако вработен од автопералната им укажал да не се расправаат пред објектот, едно од лицата му пришло и почнало да го удира со тупаници во главата, а потоа и другите лица почнале да го удираат со тупаници и клоци. Во еден момент едно од лицата извадило пиштол и испукало два куршума во воздух, а потоа оружјето го вперило кон врабтоениот во автопералната, но во намерата да го застрела бил спречен од друго лице, по што побегнале од местото на инцидентот. Припадниците на полициската станица Чаир преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, наведуваат од МВР.
Во петокот, исто така, околу 18 часот, во Скопје на улицата „Лазар Личеновски“, четири неидентификувани лица на мостот „Гоце Делчев“ неколку стотина метри од зградата на Владата, нападнале две 15 и едно 17-годишно момче од Скопје. Децата се движеле по мостот во правец на Влада на РМ, кога биле пресретнати од лицата, и тоа две лица од напред, а две лица од одзад, кои без повод и причина физички ги нападнале удирајќи ги со клоци и тупаници, а еден од напаѓачите ги удирал со метална шипка, при што двете помлади момчиња се здобиле со видливи повреди во пределот на лицето и главата./крај/мвр/сн
http://www.time.mk/read/dd68cb4d56/62594dd63e/index.html