Senna(2010)
 
Ги надмина сите мои очекувања, кои се сведуваа на просечен документарец за еден голем спортски херој од моето детство. Ама не, ова навистина е направено со многу ентузијазам и љубов.
 
Не сум F1 фанатик или барем фан. Не треба да бидете ни вие за да го гледате филмов. За Сена се сеќавам визуелно бледо, ама втиснато е во мојата меморија, како и многу други работи кои останале од детството. Сергеј Бубка скокаше највисоко, Карл Луис беше најбрз, Мајк Тајсон беше најјак, Сена... Аиртон Сена царуваше на F1 патеките.
 
Филмот е биографска приказна за бразилецот кој успеа да ги фрли во сенка фудбалските ѕвезди од својата земја и да стане национален херој, човек со кој ќе се идентификува и гордее бразилскиот народ. Неговата скромност, воспитување и хуманост, заедно со неговата желба за победи и страст кон трките, на прекрасен начин ни е доловена во филмот, преку негови изјави, семејни снимки, снимки од трките и коментари на лица кои го познавале. Сето ова надополнето со музички скор и камера која го зумира и успорува во одредени моменти, прикажувајќи работи низ кои поминува во моментот без воопшто да биде потребен коментар.
 
Неговото ривалство со Прост е во центарот на вниманието во поголемиот дел од филмот, но она што мене ме импресионираше е интелектуалниот капацитет на Сена, начинот на кој ги разбира и објаснува работите поврзани со неговата професија, како и со општествените прилики во неговата држава.
 
Аиртон Сена три пати стана светски првак пред фаталната трка во Имола, Италија, на која и е посветено доста внимание. Вистинско чудо е како никој не го сопрел ова лудило од трка откако во петокот Баричело поминал со полесни повреди, а во саботата Раценбергер стана првиот Ф1 возач кој погинал на една патека. За само ден потоа, во бизарна несреќа животот да го загуби Сена...
 
Се на се, еден убав трибјут за човекот чие име го знаеа сите и беше синоним за брзина насекаде во светот. Треба да го погледне секој кој знае и не знае кој бил Аиртон Сена. Од мене
10/10, без двоумење.
 
P.S.
Многу проблеми со различни верзии за download, скратени/продолжени... и уште повеќе проблеми со преводите (филмот е на неколку јазици). На крај, се снајдов со една копија со ова име SENNA [2010] DVD Rip Xvid [StB] која има превод на англиски за неанглискиот дел, а може да се најде и хрватски за цел филм. Ако не можете да се снајдете, по ПП.