Пред неколку дена бев во посета кај еден наш Сограѓанин, во неговиот дом во населба „ Водно “. Тој се грее исклучиво на дрвени одпадоци. И тоа од три извори. Бидејќи е сопственик на повеќе трговски дуќани, цела година, ги собира дрвените одпадоци од амбалажа. Како поседува работилница за изработка на намештај, од таму собира одпадоци парчиња иверица, дрво и талаж. А третиот извор на дрво му е големиот двор на неговата куќа. Сите гранки, остатоци од кастрење на жива ограда и други растенија ги собира и зимно време ги согорува.
Бидејки овакви дрвени одпадоци многу брзо согоруваат, Тој самостојно направил ѕидана термоакумулациона печка на цврсто гориво.
Печката е направена на следниов начин:
Купил обичен камин, кој всушност представува ложиште. Каминот е поврзан со оџакот со флексибилни, нерѓосувачки црева. Околу каминот и флексибилните црева ја соѕидал печката. Печката е од полна цигла со ширина околу 4 метри, длабочина 1,5 метри и висина до плафонот на одајата. Каминот - ложиштето е поставено на челични лизгачи и може да се извлече. Овој отвор служи и за влез во внатрешноста на печката.
На ѕидовите на печката се поставени, горе и долу се жалузини. Ладниот воздух влегува од долните жалузини а топлиот излегува од горните. Нема вентилатор, но жалузините се подвижни и на тој начин се регулира протокот на воздухот.
Во внатрешноста на печката се поставени радијаторски ребра, во кој се загрева вода, за топловодно за загревање на другите простори. Практично сам си направил котел за централно греење.
Од надвор, печката е малтерисана и по ништо не се разликува од другите ѕидови.
Печката ја ложи навечер, кога ќе дојде од работа и кога таа добро ќе се загрее, тоа е доволно до следниот ден. Некогаш кога е постудено ја ложи и предпладне пред да оди на работа.