Телевизиско враќање во деведесеттите?
Џандар Збира! Во неделата доживеавме флешбек со враќањето на едно од најпопуларните македонски шоуа во деведесеттите. Овојпат на нова фреквенција и нов водител, но на истото место, пријавување за учество на потполно ист начин и со речиси иста концепција.
Иако многумина го очекуваа Игор Џамбазов повторно да се јави како водител, сепак ќе беше премногу Канал 5 да го искористеа уште за некоја улога. Иако Марко почна срамежливо, за разлика од она што досега го познававме за него, како што течеше едночасовната премиера така и тој настапуваше поопуштено. Всушност овојпат Марко не „зајдуваше“ со неговата откаченост и делуваше умерено, што прилично изгледаше изненадувачки.
Она што е голем минус во целата работа е недоволната промоција. Гледавме и слушавме реклами на Канал 5, но не толку често, како и ги гледавме црвените автомобили Seat Ibiza по тротоарите низ градот како реклама за шоуто, но сепак можеше многу повеќе. Интернетот и социјалните мрежи скоро и беа изоставени, освен што постои една фан страница под име „Dzandar Zbira“ која и не е доволно распространета и разработена. Терминот исто така е „утнат“, 17:15 не е прајм тајм термин кој нуди најмногу можности за гледаност. Турските серии би можеле да здивнат еден ден во замена за македонско шоу во ударниот термин. На крајот се забележуваше дека салата во Универзална сала не е полна, додека вештите кадри на камерите го криеја тоа.
Визуелниот впечаток за новата верзија на „Џандар Збира“ е солиден. Добра за македонски услови сценографија, добра режија и графика. Премиерата ја донесе и првата возбуда, така што учесникот Борис Пинзовски си ја зема Seat Ibiza-та. Динамиката на емисијата при игрите е во ред, иако може да се поработи на скратување на времетраењето на презентирање на учесниците.
Целосниот впечаток за првата емисија е преоден. Ќе видиме како „Џандар Збира“ ќе се развива во текот на наредните недели и дали ќе успее да го достигне сјајот од деведесеттите. Меѓутоа, Канал 5 мора многу да работи на промоцијата на квиз шоуто, што е нивна најслаба страна. Освен серијата „Сулејман величествениот“, сите останати нивни телевизиски промоции биле недоволни и просечни.
Но, сепак останува прашањето што се случува со македонската продукција, последниве години или се откупуваат лиценцирани проекти, или се враќат нови верзии на стари популарни програми. Инвентивноста кај македонските телевизии дефинитивно мора да се подобри во наредниот период.