Кормиларот на македонската репрезентација, Звонко Шундовски, исто така е без одговор на прашањето како може Македонија да игра така добро против најдобрите селекции во Европа, а извонредните изданија да не бидат наградени и со добар резултат. Дуелот со Данска дефинитивно боли, ако се знае дека бевме многу близу до два, а останавме без ниту еден бод.
„Немавме среќа, топката едноставно им дојде во раце и експресно заврши во нашата мрежа. Можеби требаше да почекаме уште некоја секунда, навистина не знам што да кажам во една ваква ситуација. Повторно играме одлично, а мораме да си заминеме од теренот со наведнати глави, со уште еден поразителен резултат. Ова беше многу тежок натпревар, бевме супериорни во првото полувреме, а во вториот дел паднавме, најверојатно поради фактот дека ова ни беше четврта тесна средба во серија. Успеавме да се вратиме, имавме напад за победа, но сите видовте што се случи“ - разочаран беше македонскиот селектор на прес-конференцијата по средбата.