Црквата ги зголеми цените за венчавки и за погреби
Поскапија црковните такси. Архиепископскиот управен одбор, како што тврдат свештени лица, пред еден месец испратил допис до епархиите во кој препорачува цените на таксите да се покачат до 10 отсто.
Жаклина Хаџи-Зафирова
Поскапеа црковните такси. Архиепископскиот управен одбор, како што тврдат свештени лица, пред еден месец испратил допис до епархиите во кој препорачува цените на таксите да се покачат до 10 отсто. Во дел од епархиите цените се веќе зголемени. Така, на пример, во некои епархии за погреб наместо 2.000 сега се плаќа 2.200 денари, додека венчавањето од 3.900 сега чини 4.500 денари. Од 1 јануари, крштевката во Скопје е поскапена за 500 денари и сега чини 3.000 денари.
„Не одевме на целосно покачување на цените до 10 проценти бидејќи не сакавме тоа многу да се одрази на џебот на граѓаните“, вели едно свештено лице од брегалничката епархија. Покачувањето, наводно, се објаснувало со економски причини. Иако, според свештените лица, тоа не е задолжително и епархиите сами одлучуваат колкаво ќе биде покачувањето и дали цените ќе скокнат до посочените 10 отсто.
Сепак, свештените лица и натаму не се задоволни од месечните примања, па бараат помош и од државата. Пред два дена, владиката Петар во изјава за медиумите предложи државата да се однесува како и други европски држави и да учествува во примањата на црквата, иако, според Уставот, црквата е одделена од државата. Според него, свештениците во некои епархии имаат многу мали примања кои не се доволни ниту за егзистенција. Ова ни го потврдија и неколку свештени лица кои ги контактиравме, кои исто се пожалија на примањата.
„Кај нас дојде допис кој беше упатен до сите епархии, цените на таксите да се зголемат до 10 отсто поради економски причини“, ни рече нашиот соговорник, кој е свештено лице во брегалничката епархија. Тој додава дека последното покачување на цените во таксеникот се случило во 2006 година.
Во скопските цркви покачувањето е воведено од 1 јануари, а повисоките такси ни ги потврди и владиката Петар.
„Некои цени се покачени и три пати, а луѓето за црковните услуги плаќаат иста сума како пред 10 или 15 години. Кај нас луѓето се повеќе склони да критикуваат. Повеќе пари ќе добие еден фотограф на крштевка, а на свештеникот ако му се плати, тогаш на сите тоа им боде очи. Но, во таа сума влегуваат и таксата што треба да се остави за црквата, за трошоци, потрошена струја, парно греење. Луѓето тоа не го вреднуваат, мислат дека тоа оди во џебот на свештеникот“, коментира владиката Петар.
Што се однесува до новите цени, тој објаснува дека свештениците не смеат да наплатуваат со сила, туку „се должни учтиво да пренесат колку е таксата“. А, ако станува збор за сиромашни семејства, тогаш задолжително се ослободуваат од плаќање. „Нашите луѓе за крштевка, венчавка ќе потрошат пет пати повеќе, но кога ќе треба да го наградат свештеникот критикуваат дека многу бара“, коментира тој.
Владиката Петар излезе во јавноста со апел до државата да помогне во финансирањето на црквата и примањата на свештениците. Тој смета дека државата треба да и' помогне на црквата поради нејзината мисија за зачувување на идентитетот на нацијата, националното богатство и поради тоа што свештените лица се амбасадори на македонштината во дијаспората.
Но, кога го прашавме колкави се примањата на свештените лица, владиката избегнуваше одговор, бранејќи се дека не знае точно и дека тоа зависи од епархијата. Во комунизмот, според него, се водело сметка за свештените лица и се покривале сите нивни примања, вклучувајќи го и пензиското и социјалното осигурување. А, денес, како што вели, тоа се прави и во Грција и некои други земји, чиј пример вели дека треба да го следи и Македонија.
Но, и другите свештени лица не сакаат да коментираат за своите примања. Сепак, многумина се согласуваат со барањето на Петар дека државата би требало да ги покрие пензиското и социјалното осигурување на свештените лица.
Портпаролот на Синодот, владиката Тимотеј, вели дека не е упатен во примањата на свештените лица бидејќи „не е сезнаен“. „Не знам јас тоа, не сум сезнаен, иако сум во Синодот“, изјави Тимотеј.
Во јавноста често се коментира имиџот на свештените и официјалните лица на МПЦ, пред се', поради скапите возила, но и таксите за кои се знае дека не се изедначени на ниво на целата држава.
Валентина Божиновска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, објаснува дека државата нема обврска да и' помага на црквата бидејќи за тоа не постои законска обврска, освен една одредба во која се вели дека државата треба да ги следи активностите на црквата. „Но тоа не значи дека државата не ги помага верските организации кои зедоа имот кој беше денационализиран, обврзници, а им беа исплатени и пари“, вели таа. Лично смета дека треба заеднички да се размисли за предлогот да им се помогне на свештените лица бидејќи, како што вели, за разлика од другите, на нив не им се покриваат боледувањата.