http://kajgana.com/kolku-se-iskreni-solzite-vo-severna-koreja
Избликот на жалост во Северна Кореја по смртта на Ким Јонг Ил беше грозничав и масовен. Но, дали народот искрено чувствува загуба или се однесуваат онака како што мислат дека треба?
Нацијата верно ја следеше телевизиската презентерка која, облечена во црно, одвај ги задржуваше солзите додека ја читаше веста за смртта на „драгиот лидер". Ширум земјата започнаа сцените на масовно плачење, тажење и удирање со тупаниците по тлото.
Мажи и жени подеднакво западнаа во еден вид на масовна хистерија, сцени многу слични на масовната хистерија по смртта на таткото на Ким Јонг Ил и основач на комунистичка Северна Кореја, Ким Ил Сунг.
„Како можеше да не остави?", прашуваше една жена додека си ги бришеше солзите од очите. Но, колку е искрена нивната тага?
Многу е тешко тоа да се утврди, смета Антони Даниелс, психијатар и писател, кој ја посетил Северна Кореја во 1989 година како член на британската делегација на Меѓународниот фестивал на млади и студенти.
„Тоа е страшна мешавина на страв, терор и загриженост за иднината, едновремено и масовна хистерија и искрено жалење" - вели Даниелс. „Многу е тешко да се одреди реалност и сметам дека никогаш нема да ја дознаеме вистината. Постојат огромни културолошки бариери помеѓу нас и мора да се има предвид дека тоа режим каде што се што не е забрането е задолжително, така што е многу тешко да се утврди што навистина чувствува тој народ" - додава тој.
Во многу помал обем, такви примери имало и на Запад, кога луѓето чувствуваат дека имаат обврска да си ги покажат емоциите. По смртта на принцезата Диана, на некои луѓе им беше непријатно да не покажат жалење, но тоа има огромна разлика со она што се случува во Северна Кореја.
Масовни изблици на хистерично тагување имаше и во Советскиот сојуз кога почина Сталин во 1953 година, но и во Иран, по смртта на водачот на Исламската револуција, ајатолахот Хомеини, на чиј погреб неколку луѓе беа прегазени до смрт во турканицата да се види неговото тело.
Во својата книга „Нема за што да им се завидува: обичниот живот во Северна Кореја" (Nothing To Envy: Ordinary Lives in North Korea), писателката Барбара Демик во врска со смртта и погребот на Ким Ил-сунг, вели: „Хистеријата на тажењето доби натпреварувачки облик. Кој ќе тажи најгласно?".
Еден студент на улица во Пјонгјанг, пишува Демик, не можел да почувствува ништо, додека сите околу него хистерично плачеле.
„Целата негова иднина зависеше од неговата способност да плаче. Не само неговата кариера и неговото членство во Работничката партија, самото негово преживување беше ставено во опасност. Се работеше за живот или смрт", опишува Демик. Студентот се спасил така што ги држел очите отворени со сила, се додека не се пресушиле и почнале да солзат. Штом солзите потекле, на студентот му било лесно да почне да вика како сите други.
За многумина тоа е природна реакција, вели Кери Браун, шеф на програмата за Азија во Gotham House, затоа дознавањето дека лидерот им умрел, кај Севернокорејците го покренува прашањето за нивниот идентитет, нивната безбедност и нивната способност да преживеат.
Ова е нација во која постојано се подгрева чувството дека е на работ на војна, но за нив се грижи нивниот добар и сакан лидер, вели Браун. Но, додава тој, за вистинските чувства на народот знаеме исто толку колку што знаеме за борбите за превласт во политичката елита на земјата.
„Контролата на информациите е толку голема, што е многу веројатно дека чувствуваат вистински шок. Така, хистеријата е искрена, но дали е тоа тага како што ја разбираме ние на Запад, тоа не можеме да го знаеме", заклучува Браун.
На народот постојано му се зборува дека се во еден вид а постојана војна со САД и дека победите од минатото се должат на силното лидерство, затоа и губењето на шефот на државата во едно такво патријархално општество може навистина да предизвика и личен страв кај луѓето.
Сепак, тагувањето по Ким Ил Сунг во 1994 година беше многу пошокантно, смета Браун, затоа што и неговиот статус во корејското општество беше многу поголем. Оттаму, заклучува Браун, периодот на жалење овој пат нема да биде ни толку длабок, ниту пак толку тежок како во 1994 година.