Градот ќе расте надолу и покрај подземните реки
Темелите за хотелот „Мериот“ до плошадот Македонија се полни со вода
Скопје лежи на вода. Во централното градско подрачје на десетина метри под земја како да тече уште еден мал Вардар. Длабочината на подземните текови и количеството вода зависи од локацијата и се движи од неколку до повеќе десетици метри, велат експертите. За градежниците, кои често се судруваат со оваа појава, подземните води не се проблем, само поскапо решение. Прашањето на подземната хидрологија станува особено актуелно по најавите дека освен над земја, градот во иднина ќе расте и под земја, со изградба на подземната сообраќајница на кејот на Вардар, како и на подземните паркиралишта за речиси сите објекти во централното градско подрачје. И земјиштето за хотелот „Мериот“, спроти кафулето „Тренд“, веќе неколку месеци е оградено и ископано, но наместо темели можат да се видат само два базени полни со вода, иако врнежи нема со недели. Причина се токму подземните води.
Александар Ивановски, извршен директор во фирмата „Дивелоп груп“, која го гради објектот, вели дека подземна вода има насекаде низ градов и дека тоа воопшто нема да им биде проблем за да го изградат хотелот. Градежните инженери и експерти што ги консултиравме се согласуваат во констатацијата дека објектите што се градат под земја се само поскапо решение, но не претставуваат никаков проблем при изградбата на подземните објекти за кои треба да се вкопа подлабок темел. Тие само предупредуваат дека треба многу да се внимава на изборот на градежен материјал и на техниките за испумпување на водата.
- Со добар избор на материјали за изградба, подземните води, воопшто нема да прават проблеми. Секако тоа е поскапо решение и ја одолговлекува изградбата на објектите, но ако квалитетот на бетонот е соодветен за изградбата на даден објект, подземните води лесно се регулираат.
Постојат пумпи со кои лесно може да се извади целата вода, а потоа со непропуштен бетонски слој да се направи изолација преку која подземните води нема да можат да пробијат - вели Горан Марковски, професор на Градежниот факултет. Тој смета дека многу поисплатливо е подземни паркиралишта да се градат под земја наместо со тоа да се оптоварува центарот на градот. Од досегашните испитувања може да се претпостави дека на најмала длабочина од површината на земјата вода се појавила во Буњаковец и во Дебар Маало, на ниво од само четири метри.
Мите Јовановски, сопственик на земјиштето зад Собранието, каде што треба да се гради подземна катна гаража, вели дека ги направиле сите потребни истражувања, кои покажале дека подземна вода има на 11 метри, но тоа нема да биде пречка за реализација на инвестицијата.
Според Стојан Велковски од Институтот за подземни води-Скопје, сите што градат објекти под земја ќе се соочат со подземните води, но со користење на соодветна опрема тоа не би требало воопшто да биде проблем.
- Подземните води во скопската котлина се на повисоко ниво и можно е да им пречат на оние градби што треба да бидат под земја. Мислам дека пред некое време имаше и стопирана изградба на објекти, кои се соочија со голем проблем. Сепак, сметам дека сé зависи од технологијата што се користи додека се гради објектот - вели Велковски.