Официјално соопштение на КК МЗТ Скопје
------------------------------
------------------------
Во врска со вчера одиграниот натпревар помеѓу КК МЗТ Скопје Аеродром и КК Куманово, би сакале јавно да го искажеме нашиот револт од случувањата во спортската сала во Куманово, каде по уште еден пат, се покажа безпринципиелноста на Македонската Кошаркарска Федерација.
Имено, после прекинот на средбата од
првото коло, помеѓу нашата екипа и КК Лирија, каде се донесе решение за празнење на трибините кои во тој момент ја пееја неформалната химна на нашата кошаркарска репрезентација, ние како клуб испративме писмо до Комесарот на Лигата, Владимир Макревски и до раководството на МКФ, во кое истакнавме дека ние како клуб ќе ги почитуваме правилата и одлуките донесени во МКФ, но дека бараме ист аршин на сите натпревари, посебно на средбите кои се играат вон Скопје.
Но она што го доживеавме вчера, ги премина сите граници. Имено, после четири опомени (а правилата велат две) заради навредливо навивање и фрлени предмети, на 1 минута и 56 секунди пред крајот на третата четвртина, после фрлени тврди предмети, се донесе одлука за празнење на трибините. И што се случи??? Откако судиите се повлекоа во службените простории, и после 35-минутен прекин (правилата велат дека ако прекинот трае повеќе од 20 минути, средбата треба да се продолжи следниот ден), судиите одлучија натпреварот да продолжи со празнење на 3 реда од едната трибина !?!?!?!? (во прилог ви доставуваме фотографии, како после само 2 минути, и тие 3 реда поворно се наполнија со навивачи)
Се прашуваме:
-дали делегатот на средбата го пријави вербалниот и физички притисок кој му беше направен од десетина неофицијални лица, и тоа не само за време на прекинот, туку и на полувремето?
-што правеше претседателот на МКФ во судиската просторија за време на прекинот и дали токму тој ја даде директивата натпреварот да продолжи?
-што правеа три неслужбени лица, по професија обезбедувачи и телохранители, на полувремето на средбата во судиската канцеларија, за што сведок е и комесарот Макревски?
-колку неслужбени лица беа на половина метар од теренот, во аголот од каде е службениот излез, и каде е клупата на гостинската екипа, во случајов МЗТ Скопје? Ние тврдиме, а ви доставуваме и фотографии, дека најмалку 10-15 лица во текот на сите 40 миути вршеа притисок и упатуваа закани кон нашата клупа, и тоа во зоната каде најстрого е забрането присуство на неслужбени лица.
-ќе се навратиме и малку наназад...јавно прашуваме: какви санкции беа изречени на натпреварот од второто коло Куманово-Лирија, кога десетина лица од гостинскиот табор улетаа на терен на 45 секунди пред крајот на средбата? Дали само јавна опомена е начинот да се спречи дивеењето на една група на луѓе, која речиси на секој натпревар кој го губи, демонстрира јавно непочитување на сите акти и закони, не само на МКФ, туку и на државата? Кој наложи на комесарот Макревски да изрече само јавна опомена (иако инцидентот бил уредно пријавен од делегатот Пиперков), наместо да изрече (повеќегодишна) забрана на истите тие лица да присуствуваат на кошаркарски натпревари?
КК МЗТ Скопје можеше вчера без никакви санкции да го напушти теренот и да бара прекин на средбата, како што КК Лирија го прави тоа речиси на секој натпревар, но одлуката беше да се издигнеме над проблемите кои сака да ги создаде МКФ и да играме кошарка, без разлика на крајниот резултат, затоа што она што се случуваше на теренот беше вистински кошаркарски натпревар кој ги полни салите во Македонија. Воедно би сакале да им честитаме на домашните кошаркари и стручниот штаб за извонредниот натпревар и нивната коректност.
Ова соопштение не е со цел да ја иритираме јавноста. Ги повикуваме нашите навивачи Фемили Аеродром да продолжат да го прават тоа што најдобро го знаат, а тоа е да го бодрат и да го сакаат својот клуб, како што тоа го направија на средбите во Кавадарци, Гевгелија и Скопје. Заедно не смееме да да дозволиме оваа година МЗТ Скопје да биде виновен за се и сешто, како што тоа беше случај во минатото и да биде алиби за сите грешки во кошарката. МЗТ, заедно со своите навивачи, ќе покаже дека е најдобар, но тоа ќе го направи на терен.
-и на крај ќе го поставиме уште еднаш истото прашање од пред 30 дена: дали актите и правилата на МКФ важат само за натпреварите кои се играат во Скопје, или поточно во салата Јане Сандански? Можеби нашата изјава “или ист аршин во сите сали или лига без МЗТ„ некои ја разбраа како повод да го исфрлат МЗТ...но, јавно порачуваме на сите нив: МЗТ Скопје нема да се откаже!