Локалните власти прво се расправаа кој е надлежен за тоа, потоа најавија дека ќе чекаат некој да ги направи облакодерите спроти „Холидеј ин“ и да го уреди кејот, а сега велат дека нема да го чепнат овој потег зашто в година планирале да ја градат подземната сообраќајница
Институциите со години смислуваат различни причини поради кои го избегнуваат уредувањето на овој потег
Оштетени клупи, подигнати и искршени плочки, нерамна и раскопана велосипедска патека. Накратко, ова е сликата за кејот 13 Ноември на потегот познат како „Дрводекор“, локација што со децении не е обновена.
- Ова е строгиот центар на градот, а сепак тука има многу малку минувачи. Иако лете се забележува поголемо раздвижување, сепак тоа не е доволно - ни посочи Благоја Ивановски, еден од продавачите на стари книги сместени во овој дел од градот.
Институциите со години смислуваат различни причини поради кои го избегнуваат уредувањето на овој потег. Од општината Центар велат дека грижата за изгледот на кејот 13 Ноември е во надлежност на градот. Во минатото од оваа локална самоуправа уверуваа дека подготвуваат проект за обнова, па потоа се откажаа со оправдување дека во близината на локацијата треба да никнат облакодерите што се предвидени со урбанистичкиот план, па за некоја година пак би се раскопувал кејот и парите би биле залудно потрошени.
Во меѓувреме, овој дел од кејот, кој има големи потенцијали, продолжува да пропаѓа. Потегот покрај Градскиот трговски центар засега останува единствениот дел од кејот во строгиот центар што бил уреден во изминативе две децении, во 2002 година, со проект на тогашниот градоначалник Ристо Пенов. Ниту тоа не се одржа, зашто плочките се разнишаа од возила, а таму сега е отворено и градилиште.
Што се однесува, пак, до потегот познат како „Дрводекор“ градот во скоро време нема да го реновира бидејќи за идната година ја планира изградбата на подземната сообраќајница.
- Таа ќе се протега од мостот „Гоце Делчев“ до булеварот Кузман Јосифовски Питу. Деталите за оваа сообраќајница ќе бидат познати по изработка на идејното и изведбеното решение - објаснуваат од градската администрација. Оттаму не прецизираат дали улицата што сега ја обновува општината Центар повторно ќе се раскопува и каде точно ќе излегуваат автомобилите од новата сообраќајница, ниту каков изглед ќе добие кејот откако ќе заврши изградбата на тунелот.