Реално ли поскапија горивата?
Цената на европската нафта „брент“ на Берзата во Лондон деновиве се движи меѓу 111 и 112 долари за барел
Соња Маџовска
Цените на горивата се разгореа, но транспортерите прашуваат дали има повеќе политика или реална основа во последното зголемување, особено кога цената на нафтата на светските берзи паѓа?
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека во изминатите две недели на Лондонската берза цената на европската нафта „брент“ се движела од
113 до 118 долари за барел, што било основа за последното зголемување на цените на нафтените деривати. А, тоа воопшто не е мало. Бензините поскапеа за три денари, а дизелот за два, односно два и пол денари. Еуросуперот бс-98 достигна продажна цена од 81,5 денари за литар, и повторно се приближува до рекордот од април кога чинеше 82 денари за литар, но тогаш на светските берзи нафтата чинеше
130 долари за барел. Цената на европската нафта „брент“ на берзата во Лондон деновиве се движи меѓу 111 и 112 долари за барел.
Граѓаните најмногу ги збунува овој факт. И кога на светските берзи нафтата беше над 130 долари за барел, кај нас бензинот се продаваше по 82 денари за литар. И сега кога европската нафта „брент“ е околу 110 долари за барел, пак бензинот е околу 82 денари за литар.
Од РКЕ велат дека и растот на доларот има влијание врз последното поскапување на горивата, иако тоа не е големо. „Очекувавме дека ќе има реакции за зголемувањето на цените на горивата, но тоа е реалноста. Такви се цените и во Србија и во Хрватска. Македонија единствено има повисока цена од Босна и Херцеговина, но таа од друга страна држи ниски цени на горивата, поради нивниот слаб квалитет. Инаку, давачките кај нас се најниски, особено кај дизелот, но кај нас е висока рафинериската цена“, објаснуваат од Регулаторната комисија. Цените на бензините во земјава се слични со оние во Хрватска, Словенија и во Србија, поевтина од нас освен БиХ е и Бугарија, но податоците за таму се од минатата недела.
Транспортерите се најпогодени од растот на цените на горивата, и велат дека не гледаат реална основа за тоа, особено кај последново поскапување. „Во последното покачување на цените на бензините повеќе има политика отколку што е реално зголемувањето. Ние побаравме од Владата да ја продолжи мерката со намалените акцизи, ама засега нема најава за такво нешто. Очигледно е дека се потребни повеќе пари во буџетот, за субвенции за лозарите и за други буџетски трошоци. Владата од една страна ја намали цената на зелениот картон, и тоа е добро. Имаше намалување и кај некои царински давачки, но поради постојаното зголемување на цената на горивата пак доаѓаме на исто. Чудно е што овојпат РКЕ се повика на некоја просечна цена, а досега не ваделе таков просек“, вели Билјана Муратовска од „Макамтранс“. Таа додава дека и покрај поскапувањето на бензините тие нема да ги зголемат транспортните цени, што и досега не го правеле кога варирала цената, но од друга страна трговците ги качувале цените со изговор дека транспортните трошоци растат.
Експертите, пак, велат дека европската криза и растот на доларот и во наредниот период ќе ја разгоруваат цената на нафтата, што повторно ќе ги поскапи производите на нашите капацитети. „Иако во светот паѓа цената на нафтата, поради раст на цената на доларот кај нас ќе расте цената на бензините. Се претпоставува и дека во наредните месеци ќе расте доларот. Тоа ќе направи турбуленции кај нашите капацитети поврзани со нафтата, што може да се одрази на извозот“, вели професорот Мирољуб Шукаров.
Прогнозите на берзанските играчи се дека цената на нафтата до крајот на годинава ќе се движи меѓу 90 и 100 долари за барел, а растот на доларот ќе зависи од европската криза. „Се' додека се продлабочува кризата во Европа ќе расте цената на доларот, а тоа ќе влијае врз цената на нафтата. Инаку, долгорочно, според светските аналитичари, не се очекува драматичен раст на цената на нафтата“, вели Горан Марковски од КБ Публикум.
Владата веќе отворено соопшти дека нема намера да интервенира со повторно активирање на мерката за намалување на акцизите. Оваа мерка беше донесена пред изборите и важеше од април до август, но поради неа буџетот остана покус за 10 милиони евра. Само што престана да важи мерката на почетокот на август, цените на горивата веднаш се разгореа.
Инаку, во структурата на малопродажните цени на нафтените деривати се вградени повеќе давачки, кои за речиси 100 отсто ја зголемуваат крајната продажна цена. Во цената се вклучени транспортните трошоци од ОКТА до пумпните станици, кои за секој литар дериват изнесуваат 0,50 денари, потоа малопродажната или трговската маржа која изнесува 3,2 денари за литар бензин, а за мазутот 0,4 денари, и на крајот се фискалните давачки за акцизата и за ДДВ. (С.М.)
Цените на горивата во регионот и ЕУ
бензин дизел
Македонија 1,3 евра 1,10 евра
Бугарија 1,25 евра 1,23 евра
Словенија 1,3 евра 1,24 евра
Хрватска 1,32 евра 1,21 евра
Грција 1,70 евра 1,44 евра
Просек ЕУ 1,47 евра 1,34 евра
Утрински
Читај и мисли слободно....