Секако ќе извршам проверка на квалитетот на производите од Бургер Кинг. Од љубопитство. Доста долг период не сум по ваквата храна, ниту пак ми значи нешто овој „бренд“. Оти и Мекдоналдс е бренд, можеби најголем од ваков тип, па никому ништо. Дури и споредбите на овие два синџири за прехрана на луѓе кои немаат многу време да мислат што ставаат во уста, не се во прилог на Бургер Кинг. За мене Мекдоналд е тапа, обично ѓубре кое е многу добро спакувано и рекламирано, па да се биде подобар и не е за изненадување.
Некоја квалитетна локална сендвичара/кебапчилница може да испорача подобра храна. Сепак, самиот факт дека се работи за сендвичи и помфрит + нешто екстра, говори за ограниченост на понудата и ограниченост во инвентивноста при подготвувањето. А ако има некаква инвентивност, таа се наплаќа многу повеќе отколку што вреди. И ако веќе купувам готова храна повеќе сакам ресторани со богата понуда на различни специјалитети, или поугледни млечни ресторани со избор кој секогаш е побогат од било која сендвичарница.
Меѓутоа, веројатно е добро од економска гледна точка што некоја голема фирма вложува на македонскиот пазар, очигледно секогаш ненаситен за ваков тип јадење.