30 МИЛИОНИ ЕВРА ИЗГУБИЈА ИНВЕСТИТОРИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА БЕРЗА ЗА ЧЕТИРИ ДЕНА!
Маја Бајалска-Георгиевска
Рекордни 30 милиони евра изгубија инвеститорите кои поседуваат акции од десетте компании што го чинат главниот берзански индекс на Македонската берза, МБИ-10 за само четири дена. Во екот на лошите вести за намалениот кредитен рејтинг на САД и разгорувањето на должничката криза во ЕУ со проблемите на Италија и на Шпанија почна да паѓа и МБИ-10. Од четвртокот минатата недела до средата неделава, кога МБИ-10 оствари раст од 3,45%, вкупната пазарна капитализација на десетте компании се намали за 30 милиони евра.
Според пресметките на “Капитал“, од 439 милиони евра збирот на пазарните капитализации на сите 10 компании се намали на 409 милиони евра. Најмногу од својата пазарна вредност загубија најтргуваните акции. Тоа се Комерцијална банка, чија пазарна капитализација се стопи за речиси 10 милиони евра, и Алкалоид, чија вредност на Берзата падна за 5,4 милиони евра. И Макпетрол и Макстил изгубија многу од “цунамито“ кое ја зафати Берзата во Скопје - Макпетрол 4,7 милиони евра, а Макстил 4,4 милиони евра од пазарната капитализација.
Тие што го следат тргувањето на Берзата во Скопје ќе се согласат дека деновиве, необично за македонскиот пазар, осцилациите на светските берзански индекси експресно се пресликаа на МБИ-10. А токму тоа е и причината за големата загуба од вредноста на македонските блу-чипови. Каква е психологијата на тие што моментално тргуваат и што може да се очекува во следниот период?
Крсте Шајноски, универзитетски професор, вели дека според тоа што се случуваше деновиве на Македонската берза, може да се заклучи дека инвеститорите во следниот период ќе се однесуваат водени од информациите кои ќе доаѓаат од странските берзи.
“Не знаеме што допрва ќе следува како информација. Техничката анализа за движењето на МБИ-10 за следниот период покажува дека надолниот тренд ќе продолжи. Од друга страна, фундаменталната анализа на македонските акции покажува дека тие се едни од најевтините на пазарот. Но, тоа не значи дека луѓето сега треба да купуваат акции. Затоа што не знаеме до кога ќе продолжи трендот на лоши вести од светските финансиски пазари“, објаснува Шајноски.
Според него, ако продолжат лошите вести од САД и од ЕУ, како на пример последната, дека германските банки прикажале загуба, може да се очекува тоа да влијае негативно на вредноста на главниот индекс.
“Не знам што ќе се случи со приливот на информации. Проблемот доаѓа од Америка. Се виде дека САД не знае да го менаџира долгот, а доколку тој впечаток продолжи и доколку тие не најдат лек за намалување на невработеноста и зголемување на БДП, мислам дека не може да се очекува атрактивност на финансиските пазари и раст на вредноста на хартиите со кои се тргува таму“, вели Шајноски.
Тој потенцира дека за случувањата на домашниот пазар сега не се важни информациите од Македонија, туку тие од САД и од ЕУ. Шајноски предупредува дека дополнителен страв влева информацијата дека Европската централна банка ќе ги купи обврзниците на Италија и на Шпанија. Тој потсетува дека ова наликува на улогата која ја имаа Федералните резерви на САД во кризата во 2008 година. Според него, купувањето обврзници од ЕЦБ ќе значи нова емисија на евра, пуштање повеќе пари во оптек, а тоа може да предизвика инфлација.
“Не ги знаеме потезите кои ќе ги преземат клучните фигури на светските финансиски пазари и затоа не може да се предвиди што може да се очекува кај нас“, додава Шајноски.
СПОРЕД ПОЗНАВАЧИТЕ, ИЗМИНАТИВЕ ДЕНОВИ МБИ-10 ГО ДВИЖЕШЕ ЧУВСТВОТО НА МАЛИОТ БРОЈ “ТРЕЈДЕРИ“ КОИ ТРГУВААТ ШПЕКУЛАТИВНО, ПРАВАТ АНАЛИЗИ НА НАДМУДРУВАЊЕ СО ЦЕЛ ДА ЗАРАБОТАТ НА ОСЦИЛАЦИИТЕ.
Тие моментално тргуваат на Берзата во Скопје, а не инвеститорите. Затоа и движењето на индексот не е рефлексија на кондицијата на економијата. Ова се гледа од самиот факт што со промет од 100.000 евра индексот се крева и спушта за по неколку проценти.
Васко Митев, директор на брокерската куќа Илирика инвестментс, вели дека психологијата на македонските инвеститори овие дена е слична на инвеститорите на светските берзи. Се тргува шпекулативно и флуктуирачки, а најголем дел од купувачите и продавачите се физички лица – домашни и странци.
“Деновиве најприсутни се истите луѓе кои редовно тргуваат на Берзата во Скопје. Тие ги следат случувањата на светските берзи и панично реагираат. Фондовите не се впуштаат во авантури, тие чекаат ситуацијата да се стабилизира“, вели Митев.
Според него, иако МБИ-10 од 4. до 9. август загуби 7% од вредноста, поради големата распродажба прометот порасна, па ваквите осцилации на кривата на главниот македонски индекс се покажаа како добри за бизнисот на брокерските друштва и на Берзата.
“Обемот на работа во нашата брокерска куќа оваа недела, споредено со минатата (првата недела од август), е зголемен од четири до пет пати. Од тој аспект, приходите ни се зголемуваат, но од друга страна, поради намалувањето на вредноста на акциите се намалува и вредноста на нашите портфолија“, вели Митев.
http://www.kapital.mk/MK/dneven_vesnik.aspx/72207/30_milioni_evra_izgubija_investitorite_na_makedonskata_berza_za_chetiri_dena!.aspx?iId=2308