Велешката топилница ќе се рестартира
Велешката топилница ќе се рестартира. Инвеститорот „Метрудхем“ најави дека планира да инвестира 150 милиони долари во реновирање, ревитализација и модернизација на постоечките постројки и за 2,5 до три години откако ќе добие одврзани раце од Министерството за животна средина да почне со производство.
Направен е првиот чекор, испратено е известување до министерството за намерата на компанијата за изработка на студија за оцена на влијанието на животната средина.
- Компанијата „Дексон Ема“ веќе ја изработи студијата, но таа ќе биде конечна по имплементацијата на сите аргументирани сугеститиите од јавната расправа и оценките на експертските комисии и другите државни институции. Таа предлага технолошки решенија од врвот на меѓународната листа на денес признати најдобри техники и технологии - изјави Тони Димитриоски управител на „Метрудхем“. Според нив влијанијата врз животната средина од работата на топилницата ќе се сведе на минимум.
Планирано е топилницата да произведува 100.000 тони годишно цинк и олово и 100.000 тони вештачко ѓубриво во фабриката во Згрополци. Според проценките, 300 милиони евра треба да изнесува годишниот обрт на инвеститорот првата година откако ќе почне со производство. Планирани се 1.000 директни вработувања и уште 2.000 од страна на кооперантите. (А.Ф.)
Извор - Дневник.