Сончувачите (The Dreamers) од Жилбер Адер. Филмот го гледав на 14 години и ме маѓепса приказната за братот, сестрата и студентот, кои ќе се затворат во станот цел месец и ќе ја претискаат сексуалноста до граница на пукање, играјќи филмофилски игрички. Во целата замисла на филмот имаше нешто што моментално ме обзеде, ме маѓепса, ме опседна. Го гледав случајно една вечер на „Сител“ со почеток во 10:30 часот (никогаш нема да заборавам), а потоа го побарав и во сите DVD клубови во градот, но се зачудив (повеќе вџашив) кога открив дека немаат намера да ми го дадат никаде затоа што сум бил „мал“ (не дека не бев, де), но со малку среќа успеав да го набавам и потоа го гледав уште не знам колку пати. Меѓутоа, пред година и пол се шокирав кога случајно открив дека за истиот филм постои книга од шкотски автор, напишана во 1988 година и оригинално издадена под името Светите невини (The Holy Innocents). Книгата ја купив (нормално) и ја прочитав за неполни два часа, голтајќи го секој збор, откривајќи го подетално и подлабоко светот на Тео, Изабела и Метју, засакувајќи го секој од нив се повеќе и повеќе со секој прочитан збор и доживувајќи страшна шлаканица на крајот од книгата, што изнуди солзи на моето лице кои (прилично) долго време не можеа да престанат да течат колку и да се обидував да ги сопрам. Знам дека некои од вас сигурно го имаат гледано филмот, но истите ги уверувам дека никогаш нема целосно да го сфатат светот на Сонувачите, доколку не ја прочитаат книгата. Не зборувам за осиромашено сценарио или скратени сцени (самиот автор на романот е и сценарист на филмот), туку зборувам за две идентични приказни кои сепак се толку различни, но се вклопуваат една во друга на еден чудесен и неверојатен начин, правејќи една целина. Според зборовите на самиот автор, филмот и книгата се близнаци, исто како Тео и Изабела, кои и покрај тоа што си наликуваат, и покрај тоа што се една душа во две тела, сепак се различни. Доколку имате шанса, не пропуштајте да ја прочитате книгата, но моја препорака е прво да го изгледате филмот, затоа што книгата е далеку повозбудливо и поемотивно патување низ неиспитаните патишта на човековата сексуалност и емотивна зрелост.