Гроздановски ќе се врати во Вардар, но не сега
Влатко Гроздановски ќе се врати во Вардар, но навивачите на кои при срце им е „црвено-црната“ боја, веројатно ќе причекаат извесно време за да се израдуваат на неговото доаѓање. Сензационалниот трансфер на десното крило, од Работнички во редовите на лутиот ривал Вардар, деновиве се најавуваше како завршена работа. Сепак од експресното враќање нема ништо, а пречка е успешниот старт на романтичарите во квалификациите за Лига Европа на УЕФА.
- Засега нема ништо од враќањето во Вардар. Не кријам дека тој клуб ми е при срце и дека ќе играм пак во „црвено-црниот“ дрес. Имам договор со Работнички во кој постојат клаузули според кои можам да си заминам, но сега приоритет ми се европските настапи со тој клуб. Имаме шанса за пробив до 3. квалификациско коло и моментно мислам само како да помогнам Работнички да стаса што подалеку во Европа - ни изјави Гроздановски.
Притисокот од Вардар е голем, очекувањата на навивачите по преземањето на клубот од Град Скопје, се огромни, но реалноста е поинаква и речиси сигурно е дека Влатко нема да дојде, барем не во летниот преоден рок. Добрите игри и отворената ждрепка на Работнички во квалификациите за Лига Европа се големи противници на апетитите на Вардар.
Гроздановски летово го засили Работнички и веднаш дебитираше со гол во Талин против Транс Нарва. Естонците се минато, а на ред е противникот од Сан Марино Јувенес Догана. Гроздановски нема да игра во Сера Вале в четврток поради жолти картони. Дебармаалци имаат одличен распоред и би било чудо да не играат во 3. квалификациско коло. Таму има екипи од европска класа како Атлетико Мадрид, Црвена звезда, Хајдук, Бриж, Палермо, Мајнц, Стоук, Јанг Бојс....и сигурно е дека Гроздановски кој има солидно интернационално искуство ќе биде на мета на фудбалските менаџери. Тој беше дел од блескавата вардарова генерација што пред 8 години за влакно не се пласираше во Лигата на шампионите. Судијата од Норвешка, Терје Хауге со катастрофалните грешки и Спарта од Прага која беше подобра за еден гол (5-4 вкупно) не дозволија за првпат македонски клуб да игра во фазата по групи во престижната европска конкуренција.
извор:Дневник