За Мартин Нешковски
ДО
Име на политичка партија
Адреса
- за претседателот на партијата -
- за идните пратеници во Собранието на Републиката -
Почитувани сограѓани,
Тешко ми е што морам да Ви пишувам само неколку дена по најмирните избори некогаш одржани во слободна и демократска Македонија, но цената на слободата е вечна будност.
Како што веројатно веќе знаете, рано наутро на 6-ти јуни на плоштадот Македонија во Скопје почина млад човек откако бил претепан од лице за кое Министерството за внатрешни работи објави дека е работник на полицијата.
Ова не е прв ваков настан, но се надевам дека ќе биде последен. Слабата контрола над полицијата води до многу проблеми. Се чини дека препораките на МВР за однесувањето на полицијата важеа само до завршувањето на изборите на 5-ти јуни 2011 година.
Затоа од вас како мои претставници во законодавниот дом на Републиката, барам да го промените законот што го регулира работењето на полицијата и тоа да биде прва точка на дневниот ред по свечената седница во парламентот.
Моите барања до вас за измените на законите се како следи:
1. Распуштање на специјалните единици на полицијата како што се „Алфи“, „Тигри“ и други.
2. Задолжително присуство на униформиран полициски работник при секој контакт на полицијата со граѓаните.
3. Избор на министер и заменик министер на МВР со консезус помеѓу сите политички партии.
4. Задолжително доделување на општествено корисна работа на сите полициски работници како дел од секојдненвите работни обврски.
5. Зголемена контрола над Министерството за внатрешни работи од страна на Собранието на Републиката за која ќе можеме да сведочиме преку месечни извештаи или слично.
6. Зголемени казни во Кривичниот законик за делата што работници во МВР ќе ги сторат без разлика дали се или не се во служба / на работа.
7. Намалување на буџетот на МВР за секое кривично дело што ќе ги изврши негов работник.
8. Замена на Секторот за внатрешна контрола со независно тело.
9. Доколку тоа не го сторат сами, актуелните функционери во МВР кои што се одговорни за случувањата во полицијата поврзани со овој немил настан, да ги разрешите и отпуштите.
Се надевам дека ќе посветите нужно потребно време на овие мои барања. Се надевам исто така дека ќе ги сфатите сериозно.
Вашата работа во Собранието на Републиката е да ја осигурате слободата во Републиката.
Срдечно,
Име и презиме
http://novica.softver.org.mk/node/622