Спирковски: Проширувањето на лигата би било нелегално
Според статутот на ФФМ, какво било барање за проширување на Првата лига мора да биде поднесено барем една година пред почетокот на сезоната, вели комесарот за натпревари во ФФМ
Пелистер и Вардар се пред преселба во Втората лига
Најавената иницијатива за проширување на Првата лига од 12 на 14 или 16 клуба за сезоната 2011/2012 е спротивна на статутот на Фудбалската федерација на Македонија, тврди Миле Спирковски, комесарот за натпревари во ФФМ, во пресрет на годишното собрание на ФФМ, в сабота, во Охрид.
Оваа иницијатива стана актуелна последниве неколку недели, откако некогашните гиганти во македонскиот фудбал, Вардар и Пелистер, се пред преселба во Втората лига. Со зголемувањето на Првата лига би се избегнал овој срам на скопската и битолската фудбалска гордост. Но, според статутот, промена на системот на натпревари може да се направи најдоцна една година пред почетокот на сезоната за која таа промена ќе важи.
- Засега до мене нема стигнато ништо официјално. Ако има барање идната сезона Првата лига да има 14 клуба, два повеќе од сезонава, тоа барање требало да биде поднесено најдоцна во јули 2010 година. Тоа значи дека каква било промена на претстојното собрание ќе биде нестатутарна. Доколку работиме спротивно од статутот, дури ќе се доведеме до ситуација Европската фудбалска унија, УЕФА, да ја поништи лигата. Згора на ова, вакво барање не е на дневниот ред на собранието, а ако некој сакаше да биде ставено, требаше да го поднесе 20 дена пред неговото одржување, што значи дека сега и за тоа е премногу доцна - објаснува Спирковски.
Ако се случи проширување на нашата Прва лига, тоа би било првпат во историјата на Македонија од основањето на лигата во 1992 година. По осамостојувањето на земјава, Првата лига почна со 18 екипи во сезоната 1992/1993, но веднаш следната сезона беше намалена на 16. Во сезоната 1996/1997 веќе се играше со 14 екипи, а последното намалување на 12 прволигаши се случи во сезоната 2001/2002. Оттогаш Првата лига има 12 екипи.
Сето ова се правеше за да се зголеми квалитетот на првенството, во кое и сега едвај се собираат доволно клубови што можат да ги платат котизациите, а згора на тоа и да состават компетитивна екипа.
- Со вакви најави некој си игра со маките на луѓето што во нив гледаат сламка спас. Ова е многу слично како и пред две години, кога ги лажеа Македонија ЃП и Слога Југомагнат дека ќе ја поништат одлуката на ФФМ да бидат исклучени од лигата откако не одиграа по две првенствени средби. Но против статутот не се може. Според мене, за наши услови поголема лига е лудост. Ниту 12 клуба немаат пари за да се натпреваруваат во Првата лига, па камоли повеќе. Дај боже да има пари и спонзори, па да имаме и повеќе квалитетни прволигаши, но реалноста е сосема поинаква - вели Спирковски.
Вардар ќе си ги бара трите одземени бода
Раководството на Вардар ја поддржува иницијативата за проширување на Првата лига, но не е подносител на барањето. Челниците на „црвено-црните“ единствено побараа на дневниот ред на собранието да се разгледа можноста за враќање на трите бода што им беа одземени есеноска, кога не отпатуваа на гостувањето против Турново.
- На 13 јануари уредно поднесовме барање на дневниот ред да има точка по која ќе се гласа за враќање на бодовите што ни беа одземени есеноска. За тоа што не отпатувавме бевме казнети со 5.000 евра, кои веќе ги плативме, службено го загубивме мечот, а згора на тоа и ни беа одземени три бода, што сметаме дека е премногу - вели претседателот на Вардар, Атанас Костовски.
Вардар во моментов е претпоследен, со осум бода помалку од местото на табелата што носи играње во баражот за опстанок.
izvor
--- надополнето ---
ПОДНЕСЕНА ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА ПРОШИРУВАЊЕ НА ПРВАТА ЛИГА
Потребна е волја за подобар фудбал
Дел од делегатите на Собранието на Фудбалската федерација на Македонија вчера и официјално ја поднесоа иницијативата за проширување на Првата лига на 16 клуба и за формирање две втори лиги. Оваа иницијативата би требало да биде разгледана на седницата на Собранието на ФФМ која в сабота, на 30 април, ќе се одржи во Охрид. Доколку биде усвоена, таа би можела да претставува и своевиден гест на помирување на фудбалските работници за доброто на македонскиот фудбал, со враќање на Македонија ЃП и Слога ј. во Првата лига и задржување на Вардар и на Пелистер во елитата. - Ако Фудбалската федерација на Македонија можеше да ја прошири Втората лига на полусезоната од минатото првенство и тоа само со одлука на УО на ФФМ, не гледам причина зошто на претстојното Собрание не би се разговарало за проширување на Првата лига. Потребна е само добра волја и се може да се направи - вели Масар Омерагиќ, делегат на Собранието на ФФМ и еден од иницијаторите за проширување на лигата. Според предлогот на Омерагиќ, Првата лига би требало да се состои од 16 клуба, но големо прашање е дали истиот ќе биде усвоен од делегатите на Собранието на ФФМ. - За усвојување на предлогот, потребно е двотретинско мнозинство или тоа значи дека 78 делегати ќе треба да гласаат „за“. Знам дека ќе биде тешко, меѓутоа треба и мора да се разговара за него. Во прашање е обид да се промени системот на натпревари, но сето тоа би можело да помине едноставно. Вардар и Пелистер би останале во Првата лига, а би се приклучиле и Слога ј. и Македонија ЃП, како и двата првопласирани второлигаши. Ништо не би се променило и сите би биле задоволни. Потребна е само добра волја. Сега е шанса да се тргне кон подобар фудбал - додава Омерагиќ. Претстојната седница на Собранието на ФФМ би можела да биде судбоносна за македонскиот фудбал. Иако како најважна точка на дневниот ред се апострофира менување на статутот на ФФМ, сепак, тоа не е и најгорливиот проблем што треба да се реши. Новиот статут на ФФМ би требало да биде прифатен лесно, со оглед дека е правен акт, на кого веќе подолг период работеа претставници на власта и на опозицијата во македонскиот фудбал, надгледувани и координирани од ФИФА и од УЕФА. Многу поважно е што ќе биде со клубовите и со фудбалот во Македонија. Според Законот за спорт, од 2012 година сите прволигашки клубови ќе мора да бидат пререгистрирани во акционерски друштва. Тоа значи и можност за влез на покрупен приватен капитал и комплетна професионализација на клубовите. Во една таква ситуација, Првата фудбалска лига на Македонија не смее да биде лишена од најдобрите клубови, од четирите клуба кои заедно обединуваат 10 шампионски и исто толку куп-трофеи. Во неа едноставно мора да има место за Вардар, Пелистер, Македонија ЃП и за Слога ј
izvor