Основниот суд во Велес конечно пресуди Офицерскиот дом да се врати во владение на Министерството за одбрана.
Досегашниот корисник, фирмата Никола Комерц во рок од 15 дена е должен да го испразни објектот заедно со летната тераса со вкупна површина од околу 730 метри квадратни. Со оваа пресуда судот го раскина договорот што Министерството и фирмата го склучиле во 2001 година.
Во образложението стои дека според договорот било предвидено корисникот обкјектот да го користи за дејноста за која бил наменет и дека не може да го дава под закуп на трето лице или да го отуѓува. Наместо да го почитува договорот сопственикот на фирмата го дал објектот под закуп и воопшто не плаќал месечен надомест. Во меѓувреме министерството во 2003 година распишува тендер за продажба на Офицерскиот дом во Велес Како најповолен купувач со понудена цена од 290 илјади евра за објектот и за летната тераса 210 денари за метар квадратен се јавува сопственикот на фирмата Никола Комерц, Коло Мечкаров. Тој и покрај обврската во рок од осум дена да ги уплати парите, не го сторил тоа, туку објектот го дал под наем. Тоа подоцна го утврдила и Владата па им наложила на Министерствата за одбрана и финансии да го поништат тендерот.
Во меѓувреме додека се водел судскиот процес, Министерството да си го врати Офицерскиот дом, Мечкаров успеал да добие решение дека е сопственик и дека ги уплатил парите и тоа само врз основа на извод од сметката на неговата фирма, на која ја имало потребната сума.
Ваквото решение не го обжалил ниту тогашниот заменик правобранител, иако не постоел никаков доказ дека домот е платен.
Три години подоцна Министерството за одбрана почна судски процес за враќање на Домот на АРМ. Во продажбата на домот се замеша и Антикорупциска комисија, која го отвори случајот откако се појави сомнеж дека Мечкаров станал сопственик на Офицерскиот дом, без да ја уплати понудената сума на тендерот. Според антикорупциска тој ги платил само 500 илјади денари, пари што биле потребни за учество на тендерот. Меѓутоа во буџетот на Република Македонија никогаш не биле уплатени другите пари.
Според пресудата фирмата Никола Комерц има право на жалба до Апелациониот суд во Скопје.
Извор lisica.mk