Нечас: Од Чешка не беше побарано да се вклучи во воената интервенција во Либија
Чешкиот премиер Петр Нечас денеска повтори дека неговата земја нема да се вклучи во воената операција во Либија и дека никој од неа тоа не го побарал, јави дописникот на МИА од Прага.
Чешка, според Нечас кон плановите за евентуална воена интервенција во Либија заземала сериозен став и за тоа не поседува потребни капацитети.
Исто како и шефот на чешката дипломатија, Карел Шварценберг и премиерот прецизираше дека на чело на иницијативата во моментов е поставена Франција.
Нечас смета дека воената акција ќе биде предводена од „ад хок“ коалиција, а не меѓународните институции, како на пример НАТО.
- Не бевме контактирани и не сме изненадени поради тоа. Ние спаѓавме во земјите кои заземаа сериозен, „трезен“ став и не повикувавме на воена акција. Како второ, нашите воени капацитети не се од тој тип, кои сега би можеле да бидат вклучени, изјави Нечас за чешката државна телевизија. Тој додаде дека Франција е еден вид „портпарол на таа коалиција на подготвените“.
Чешка, според Нечас е подготвена доколку е потребно на Либија да и обезбеди хуманитарна помош. Тој најави дека Владата на вонредна седница ќе разговара за сегашната ситуација во оваа северноафриканска земја додавајќи дека со министерите за надворешни работи и одбрана константно ја подготвуваат чешката позиција во разговорите со НАТО и ЕУ.