Гадафи: Европските пријатели ме издадоа, а Саркози е ментално пореметен
Чувствувам дека европските партнери ме издадоа и поради тоа ќе бидат нарушени односите на европските земји со Либија, рекол Моамер ел Гадафи, во интервју за денешното издание на италијанскиот весник “Џурнале“, пренесува Нетпрес.
Тој ги отфрлил барањата на светските сили за воведување на зона за забрана на летови над Либија.
“Ќе се бориме и ќе победиме. Ситуацијата од тој вид (зоната за забрана на летови или воената интервенција) можат само да го обединат либискиот народ“, рекол Гадафи.
Според него, францускиот претседател Николас Саркози, кој го призна бунтовничкиот Национален совет и повика на воздушни напади врз Либија, е “ментално пореметен“. Гадафи предупредил дека зачестените критики, кои од Европа пристигнуваат на сметка на неговиот режим, а кои кулминираа со повик до него да си замине од власта, можат единствено да ги загрозат односите.
“Навистина бев шокиран од ставот на некои мои европски пријатели. Тие повредија и загрозија низа важни безбедносни спогодби, кои беа во нивни интерес, и економската соработка која ја имавме“, изјави либискиот лидер.
Прашан за своите односи со Берлускони, кој своевремено му беше одличен пријател, Гадафи рекол: “Толку многу сум шокиран, се чувствувам предаден, незнам дури ни што да му кажам на Берлускони“.
Италија имаше многу развиени односи со својата некогашна колонија и двете земји потпишаа спогодба за спречување на одлив на емигранти од Либија. Најголемата италијанска нафтена и гасна компанија “Ени“, склучи неколку вносни договориво Џамахиријата, и претходно навести дека планира да инвестира 25 милијарди американски долари во оваа северноафриканска земја.
“Мислам и се надевам дека либискиот народ ќе ги преиспита економските и финансиските врски со Западот, како и оние од областа на безбедноста“, рекол Гадафи.
Тој повторил дека неговата земја претставува бедем за ширењето на исламскиот тероризам и екстремизам, но и дека, ако Западот одлучи да ја нападне Либија, силите на оваа земја ќе и’ се приклучат на Ал Каеда и ќе објават света војна-Џихад.
“Ако наместо стабилна влада, контролата ја преземат банди поврзани со Бин Ладен, Африканците масовно ќе тргнат кон Европа и Медитеранот ќе стане море на хаосот“, изјавил Гадафи.
http://www.netpress.com.mk/vest.asp?id=83934&kategorija=6